Марин: Буџетот за животна средина во општина Аеродром ќе се зголеми за 20 пати

Општина Аеродром

Буџетот за животна средина во Општина Аеродром ќе се зголеми за 20 пати, а ќе се реализираат и голем број мерки за чист воздух, истакнал градоначалникот на Аеродром Златко Марин на синоќешната средба со претставниците на О2 Коалиција за чист воздух и на други граѓански организации. 


На средбата, како што соопшти прес-службата на Општина Аеродром, се дискутирало за можностите за интервентни мерки, кои општината би ги преземала во насока на намалување на загадувањето.


Од новиот општински буџет, како што рече Марин, ќе се издвојат околу 300.000 евра за реализација на конкретни мерки за почист воздух, односно 20 пати повеќе од досегашните средства на годишно ниво за заштита на животната средина.


Дел од претставниците на граѓанските здруженија, кои присуствуваа на средбата предложија неколку мерки, кои би дале резултати на краток рок во соработка со Градот Скопје, Министерството за животна средина и другите надлежни институции, меѓу кои инсталирање филтри на оџаците на индивидуалните куќи, искористување на сончевата енергија, подобрување на условите за користење јавен превоз, користење на нова генерација катализатори за моторни возила, кои ја намалуваат емисијата на штетни материи, да се зголеми ефикасноста на инспекциските служби, како и да се работи на зголемување на јавната свест.


Општина Аеродром, како што е наведено во соопштението, сериозно ќе ги земе предвид сите предложени мерки од состанокот и ќе изготви конкретен краткорочен план, кој ќе биде достапен на јавноста, а во меѓувреме ќе се работи на трајно решавање на загадувањето.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.