Марин: Стопирана изградбата на зградата пред Мајчин дом, жителите бараат оставка од Марин

Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин денеска на прес-конференција информира дека е стопирана изградбата на зградата пред Мајчин дом поради неправилности во градилиштето. Забраната важи 15 дена.

 

Тој информира дека инспекторот денеска излегол на терен и направил записник и го изготвил решението.

 

- Градбата е стопирана, влегуваме во барање решение низ дискусија. Ги преземав сите можни мерки и напори, со сите засегнати страни да најдеме начин трајно да го заштитиме плацот пред Мајчин дом. Преземам иницијатива за решавање на проблемот, во разговори со граѓаните, со инвеститорот и со град Скопје, рече Марин.

 

Тој изрази надеж дека во најбрз можен рок ќе се дојде до решение со инвеститорот.

 

Најави дека в петок е закажана вонредна седица на Советот на Општина Аеродром и ги повика претставниците на граѓанските здруженија и сите засегнати граѓани да присуствуваат и да бидат дел од процесот на барање решение.

 

Жители на општина Аеродром попладнево се собраа пред паркот кај Мајчин дом и го блокираа булеварот „Јане Сандански“, во знак на протест против изградбата на деветкатница.

 

Насобраните граѓани бараат да не се гради деветкатницата и велат дека се изреволтирани од предизборните ветувања на градоначалникот Златко Марин. Тие извикуваа „нема правда, нема мир“, а на полицијата и викаа „кого штитите“.

 

Од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише“, бараат оставка од градоначалникот Марин, посочувајќи дека никој не се грижи за здравјето на децата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.