АВРМ објави огласи за три мерки од оперативниот план за вработување

АВРМ

Агенцијата за вработување на Република Македонија од денеска објави оглас за три мерки од оперативниот план за вработување на кој можат да конкурираат невработените лица и работодавачите. Првата мерка е "обука за стекнување вештини од областа на банкарството", втората е "практикантство" и третата мерка е "субвенционирање плати".


Со мерката "обука за стекнување на вештини од областа на банкарството" ќе бидат опфатени 100 лица. Може да аплицираат невработени евидентирани во АВРМ со најмалку средно образование со поднесување пријава во центарите за вработување за учество во еден од шестте понудени модули. Право на учество во мерката ќе имаат лицата кои ќе бидат најдобро рангирани на квалификацискиот испит што ќе го спроведе Академија за банкарство и информатичка технологија. Ако има поголем број кандидати предност при изборот ќе имаат оние кои први поднеле пријава. Лицата кои ќе посетат најмалку 70 проценти од предвидените часови ќе се стекнат со уверение за посетеност на обуката, се наведува во огласот на АВРМ.


"Практиканство", пак, е мерка за невработени млади до 29 години и невработени до 34 години евидентирани во АВРМ со најмалку средно образование без работно искуство, кои може да апицираат за учество во тримесечна или шестмесечна практична работа. Избраните кандидати месечно ќе добиваат по 9.000 денари за периодот за кој ја извршуваат практичната работа.


Кандидатите за мерката "субвенционирање плати" кои ќе бидат избрани за вработување од работодавачите по претходно интервју, месечно од АВРМ ќе добиваат по 19.000 денари за период од 3, 6 или 12 месеци, од кои 18.000 денари се субвенција на платата на вработеното лице и 1.000 денари за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока плата.


Оваа мерка се однесува на невработени евидентирани во АВРМ кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот.


Нејзини корисници може да бидат долгорочно невработени лица, млади лица до 29 години, лица постари од 50 години, корисници на социјална помош или на паричен надомест по основ на невработеност, корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.