Дебата за кредитирање на земјоделството и агро-бизнисот

Земјоделство и рурален развој

Стручна дебата на тема „Кредитирање на земјоделството и агро-бизнисот - Усогласување и полесен пристап“ ќе се одржи денеска во рамки на Втората сесија на Работната група - 1, Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11 од Претпристаните преговори за ЕУ).


Сесијата, пак, е дел од Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија (НКЕУ-МК).


Како да се оствари поголема информираност на земјоделците за кредитните можности, кои се начините за насочување на земјоделството преку кредитирање, како да се создадат поволни услови за кредитирање на младите земјоделци, особено на жените, кои се можностите за поголема државна подршка на кредитирањето на земјоделците и агро-бизнисот, како земјоделците да остварат редовна наплата на испорачаните реколти, се само некои од прашањата што ќе бидат отворени на дебатата.


Најавени се воведни излагања на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и на Маријана Чертикова, специјалист за агро-клиенти од Чешката комерцијална банка, по што ќе биде презентирана експертската анализа на Работна група - 1 на НКЕУ-МК.


Сесијата треба да заврши со дефинирање препораки кои треба да бидат усвоени од страна на членовите на Работната група.


НКЕУ-МК е демократски континуиран форум, односно модел на вклучување на стручната јавност во евроинтеграциските процеси на Македонија. Официјално почна со работа со Пленарната конференција на 9 ноември 2017 година. Форум од ваков вид бил најпрво применет во Словачка, а потоа и во повеќе држави на Балканот.


Во НКЕУ-МК моментно се активни четири работни групи: Земјоделство и рурален развој (РГ-1), Социјална политика и вработување РГ-2), Правосудство и основни права (РГ-3) и Правда, слобода и безбедност (РГ-4).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.