Елези: Ги следиме меѓународните стандарди за спречување даночно затајување

Република Македонија ги следи меѓународните стандарди и трендови за спречување даночно затајување и избегнување плаќање данок, истакна заменик министерката за финансии Ширет Елези на конференцијата  насловена „Подобрување на меѓународната соработка: Борба против даночната евазија“, која се одржува во Тбилиси, Грузија.

 

Заменик министерката, како што соопшти Министерството за финансии, посочи дека Македонија до крајот на 2019 година ќе ги имплементира БЕПС (Base Erosion and Profit Shifting) стандардите.

- Овие стандарди се однесуваат на намалување на можностите за избегнување на плаќање данок преку селење на профитот во таканаречените даночни раеви. Македонија соработува и со Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации, рече Елези.

Таа додаде дека како правна рамка и основа за спречување даночна евазија, Република Македонија ги користи и договорите за одбегнување на двојно оданочување какви што Македонија има склучено со 48 земји.

 

На конференцијата од високо ниво, учествуваа и министерот за финансии на Грузија Иване Макавариани, гувернерот на Централната банка на Грузија Коба Гвенетаџе, директорот на Центарот за даночна политика при ОЕЦД Паскал Сант-Аман и заменик министерот за економија и финансии на Албанија Елтон Хаџи.

На форумот учествуваат 20 земји со над 60 учесници, претставници на Министерства за финасии, народни банки, директори на управи за јавни приходи, претставници на Европската комисија, на Светска банка и ОЕЦД.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.