ЕЛЕМ Енергетика од утре ќе испорачува топлинска енергија

Почнува грејната сезона

АД „Електрани на Македонија“ утре ќе почне со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за потрошувачите приклучени на мрежата на ЕЛЕМ„ Енергетика“. Парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 воспитно-образовни институции (основни и средни училишта и детски градинки) и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.


Испораката, информираат од компанијата, почнува осум дена пред официјалниот старт на грејната сезона поради најавениот пад на надворешните температури.


- Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија испораката може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври ја носи Регулаторната комисија за енергетика, велат од ЕЛЕМ.


Оттаму нагласуваат дека во изминатиов период стручни екипи на компанијата вршеа подготовки, односно ладни проби на системот со цел да се отстранат евентуалните недостатоци и да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија на постојните корисници.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.