Сингелиќ-Стајковци - црна точка со најголем број нарушувања на јавниот ред и мир

Општина Гази Баба

Со отворање канцеларии за превенција во Стајковци и Сингелиќ и со зголемена активност на терен на Советот за превенција ќе се зголемува безбедноста во Општина Гази Баба. На првата седница на Советот за превенција како црна точка со најголем број нарушувања на јавниот ред и мир беше посочен делот од Сингелиќ до Стајковци и токму поради тоа се планира дислокација на последната автобуска постојка на автобусите 45 и 23.

 

129 нарушувања на јавниот ред и мир се регистрирани на територија на Општина Гази Баба во првите 4 месеца од годинава, од нив 115 нарушувања се комплетно расчистени. Овие податоци ги соопшти командирот на ПС Гази Баба, Сашо Велковски на првата седница на Локалниот совет за превенција кој има за цел подобрување на јавната безбедност и превенција на негативните појави врз јавната безбедност. Црна точка во Општина Гази Баба се смета делот од Сингелиќ до Стајковци, односно на овој дел се случуваат најголемиот број нарушувања на јавниот ред и мир, но сепак се намалени во споредба со претходните години. За таа цел со ребалансот на Буџетот на Општина Гази Баба ќе се одвојат средства во втората половина од годинава да може да се дислоцира последната автобуска постојка на автобусот со број 45 и 23 и да се изгради нова автобуска на површина од 5.000 м2 кај игралиштето Фортуна во Сингелиќ, каде што ќе има мини плоштад, просторот ќе биде целосно осветлен, фрекфенцијата на луѓето ќе биде зголемена, а тука наскоро ќе биде отворена и нова канцеларија за превенција. Со ова ќе се придонесе да се намалат или воопшто да ги нема прекршоците.


Канцеларија за превенција ќе биде отворена и на 23-ти мај во Стајковци. Оваа канцеларија била уништена со поплавата во 2016 година, но сега е обновена и повторно ќе биде отворена.


Со овие две канцеларии за превенција во најкритичните места во Гази Баба се очекува работата на Локалниот совет за превенција и присуството на терен да влијае на безбедноста во општината и да се превенира воопшто да не се случуваат несакани настани со кои се нарушува јавниот ред и мир и се загрозува безбедноста на граѓаните.


Градоначалникот на општината, Борис Георгиевски информираше дека пред две недели во соработка со УНДП и ОБСЕ започната е реализација на проект за доближување на учениците и нивно мултиетничко заедничко работење во сите 11 основни училишта, во чии рамки учениците секој викенд имаат работилници, а резултатите ќе бидат презентирани на 3-ти ноември на Денот на општината. Но ова е само една од активностите на општината за доближување на учениците. Исто така се планира да се вклучат и средните училишта и факултетите, а и родителите на учениците во разни едукативни средби и работилници, кои ќе допринесат да се промени лошото однесување на децата, за кое како што посочија претставниците на МВР најголема улога имаат социјалните мрежи, порталите и медиумите. Исто така посочено беше дека треба повеќе да се вложува во спортот и образованието.


Статистичките податоци покажуваат дека физичките насилства и напади се намалени, но сепак треба да се продолжи со активности и да се направи Акционен план за реализација на сите активности, насоки и мерки за безбедноста во Општина Гази Баба.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.