Општина Ѓорче Петров апелира граѓаните да се вклучат во гаснење на пожарите

Општина Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров информира дека поради високите температури се зголемува и опасноста од настанување шумски пожари на отворен простор и апелира за поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од пожари. Граѓаните да се вклучат во гаснење на пожарите во рамки на своите можности, а претседателите на месните и урбани заедници да ја подобрат организациската поставеност на својата територија.


Ова е истакнато на вонредниот состанок за превенција од пожарите што се одржа денеска во општина Ѓорче Петров. Предвидени се и средби со месното население на кои ќе се разговара за актуелната состојба. 


Состанокот, како што соопшти општина Ѓорче Петров, го раководел градоначалникот Сокол Митровски, а присуствувале претседателите на месните и урбани заедници, преставник од РЦУК–Карпош и командирот на полициската станица „Ѓорче Петров“. 


Советникот за безбедност Станоја Богев истакнал дека меѓу граѓаните потребна е поголема мобилизираност и соработка во случај на избивање нови пожари на територијата на општината, како и да се зголеми контролата на шумската полиција на терен.


На состанокот бил поделен материјал со насоки за однесување и превенција за време на летните месеци кога пожарите се најактуелни. 


Пожарите во руралниот дел од општина Ѓорче Петров, во селата Чашка, Грачани, Орман, Никиштани и депонијата кај реката Лепенец нанесоа големи штети. Последниот пожар што избувна во село Орман веќе е локализиран, но нов се појави на потегот околу караулата Чашка. Во негово гаснење учествуваат припадниците на Бригадата за противпожарна заштита, месното население и вработени во комуналните служби во општината.


Општина Ѓорче Петров информира дека ситуацијата и понатаму е сериозна на терен и затоа треба да се внимава каде се оставаат отпадоци, посебно празни стаклени шишиња и да не се фрлаат отпушоци.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.