Кој бил првиот скопски градоначалник после Османлиите?

Прв скопски градоначалник

Малку се познати податоците за некогашните скопски градоначалници, кои денес речиси се заборавени. Граѓаните обично се интересираат каква промена настанала во управата на градот Скопје по заминувањето на Османлиите. Која личност била назначена за прв градоначалник во тоа време?

 

Честа прв да ја извршува таа функција во 1912 година ја имал познатиот политичар и трговец, Спиро Хаџи Ристиќ. Тој бил член на Радикалната партија, но имал свои бизниси и во тутунската индустрија. Бил пратеник во османлискиот парламент, а подоцна бил сенатор во периодот меѓу двете војни, како и претседател на Трговско-индустриската комора на Скопје. Се образовал во Швајцарија и во Багдад, бил професор во скопската машка гимназија.


Спиро Хаџи Ристиќ бил градоначалник во два мандата. Од 1912 до 1915 година, кога почнало повлекувањето на војските преку Албанија и кога Скопје морало да се напушти. Вториот мандат го добил по Првата светска војна со траење од 1918 до 1920 година. Интересен е податокот дека Спиро Хаџи Ристиќ потекнува од Западна Македонија, од Тетово. И во двата мандата на Хаџи Ристиќ, градот веќе почнал да доживува значајни урбанистички трансформации. Донесен е првиот модерен урбанистички план, потоа почнуваат градбите што постепено му ги даваат препознатливиот дух и атмосферата на старо Скопје.


Промените ќе кулминираат некаде во периодот на 1930-тите години. За тие урбанистички промени Спиро Хаџи Ристиќ ќе запише: "Скопје се претвори во модерен европски град. Само за периодот од 10 години, во 1928 година, градот економски напредуваше". Несомнено е дека тој бил способен и заслужен градоначалник и покрај сите перипетии во кариерата.Постои и еден податок дека првиот авион што полетал од скопскиот аеродром бил руски воен авион од марката "дукс". Тоа се случило 1912 година, кога се собрале многу скопјани на аеродромот, а градоначалникот Спиро Хаџи Ристиќ одржал свечен говор.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.