Избрани најдобрите ресторани, гостилници и кафе-барови во Скопје

Најдобри угостителски објекти во Скопје

Тајни посетители, еден месец ги посетувале скопските угостителски објекти, со цел да ги утврдат недостатоците на локалите. Од истражувањето се покажало дека келнерите скоро никогаш не се заблагодаруваат за посетата, долго се чека за нарачката, но не и за сметката.

 

За најдобри три ресторани во Скопје за годинава се избрани „Оливе“, „Лајт џез клуб“ и „Македонска куќа“, најдобри три гостилници се „Сношти минав“, „Кафана“ и „Скара бар“, а најдобри во категоријата кафе барови се „Рок Бар Круг“, „Mr.Jack“ и „Speakeasy“. Изборот е направен врз основа на исклучителноста на угостителските услуги, уникатниот амбиент и специфичната приказна која ја креираат.


Ресторанот Оливе е релативно нов, во главниот град функционира пет години, а ова е прво признание за квалитетот кој го нудат.

 

Гостилницата сношти минав, лоцирана во старата скопска чаршија, тајните гости, ја оценија за најдобра гостилница, за 2017 години. Сопственичката на локалот вели дека ова ќе биде доволен поттик за понатамошно докажување пред гостите.


Плакетите на најдобрите, денеска им ги врачи градоначалникот на Град Скопје,  Петре Шилегов, кој потенцираше дека целта е преку овие настани да ја потенцира важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти во Градот.


Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ Рисрч-Скопје, што го спроведува истражувањето, рече дека тоа било спроведено во периодот од 1 до 30 септември за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците.


Со него биле опфатени 50 ресторани, исто толку гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а  во кафулињата имало 210 посети, секој угостителски објект бил посетен 3 пати. 


Проектот „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“ се спроведува по  десети пат, а по вторпат се избираа и трите најдобри кафе барови на подрачјето на град Скопје. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.