Стопанствениците од Средно Водно бараат укинување на забраната за движење на автомобили

Средно Водно

Забраната за движење на автомобили на Водно удри по џебот на сопствениците на рестораните и хотелите. Објектите со долгогодишна традиција се пред затварање, на вработените им се заканува опасност од губење а работните места, а не е поштедена ниту црквата Св. Мала Богородица, во која веќе неколку месеци нема ниту свадби ниту крштевки.

 

Парк шумата Водно, која се наоѓа на десетина километри од центарот на Скопје, долго време на скопјани им беше едно од омилените места за рекреација. Најпосетена беше за време на викендите во рана пролет, и во есен, кога Средно Водно беше преполно со туристи. Дел од нив до својата крајна дестинација се искачуваа пешки, други пак со своите автомобили. Во време на енормна загаденост на воздухот во Скопје, градските власти донесоа одлука за забрана за движење на автомобили до Средно Водно, за време на викендите и државните празници, од 9 до 16 часот, која стапи на сила на 15 ноември. Оваа одлука наиде на одобрение само кај дел од граѓаните. Меѓу останатите кои бараат промена на одлуката се и сопствениците на рестораните и хотелите на Средно Водно, кои велат дека се наоѓаат во многу лоша финансиска состојба откако се ограничи движењето до нивните објекти.


Горан Арсовски, вработен во ресторанот К'на Старо Скопје, вели дека веќе неколку месеци трпат големи финансиски загуби, а вработените се соочуваат со опасност да ги загубат работните места.

 

Арсовски вели дека реагирале и до Град Скопје, каде што биле примени на состанок со градоначалникот Петре Шилегов, но конкретни измени во одлуката на Градот, иако биле ветени, до сега нема.

 

И МТМ телевизија побара став од градската власт по ова прашање. Оттаму добивме одговор дека Градот Скопје внимателно ќе ги разгледа барањата на стопанствениците и во рамки на можностите ќе побара решение кое ќе биде во взаемен интерес, за што јавноста ќе биде благовремено информирана.


Од одлуката на Градот, не е поштедена ниту цкрвата Св. Мала Богородица, која опстојува од самофинансирање. Перо Митровски домаќин на црквата, со жалење раскажува дека во последниве месеци, не се случила ниту една венчавка ниту кршевка, што го отежнува одржувањето на божјиот храм.

 

Мислењата на граѓаните, како и во моментот на донесување на одлуката, така и сега, сеуште се поделени. Дел од нив сметаат дека возилата на Водно не се причинител за загадувањето, и речиси и да не се забележува промена во квалитетот на воздухот откако е забраната на сила, додека пак други ја поддржуваат.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.