Скопје уште долго нема да добие нов Луна Парк

Луна Парк

Галиите во Вардар ќе се рушат, а нема да се дислоцираат како што беше претходно најавено од Градот Скопје.

 

Ова денеска на средба со новинарите го потврди првиот човек на Градот, Петре Шилегов, кој информираше дека за обештетувањето на сопствениците на галиите градската каса ќе треба да се олесни за 4,5 милиони евра. Од друга страна овие пари ги правдаше со претходно изготвена стратегија според која, доколку не се тргнат галиите од реката, Скопје би можело да се поплави, што пак ќе предизвика штета од 50 до 500 милиони евра.


Градот нема да ја продолжи ниту изградбата на пешачкиот мост на локацијата на која требаше да се изгради панорамското тркало. За досегашната градба потрошени се 10 милиони евра, а за довршување на мостот потребни се уште 3 милиони, сепак одлуката на градоначалникот е да го сруши мостот кој требаше да ги поврзува двата кеја на Вардар. И покрај најавите за продолжување на трасата на булевар Илинден, кој треба да жителите на општина Ѓорче Петров да им овозможи побрз и алтернативен влез во градот, овој проект ќе почека подобри времиња, бидејќи како што вели Шилегов, не спаѓа во приоритетите на градската власт, а претставува и големо финансиско оптеретување за буџетот.


На разочарување на најмладите, Скопје уште долго нема да добие нов Луна парк. Причина за тоа е стопираниот тендер за набавка на нови реквизити. Досега се набавени седум, што според Шилегов е недоволно за отварање на нов забавен парк. Решение за ова ќе се бара во склучување на договор со јавно приватно партнерство, бидејќи Градот нема доволно финансии за финиширање на овој голем проект, кој беше најавуван како атракција во регионот, со бројни адреналински атракции. И пајтонот со двата бели коњи од расата липицанери веќе нема да ги вози туристите на прошетка низ плоштад Македонија. Причина за тоа е скапото одржување. Имено откако пајтоно беше воведен како скопска атракција во 2012 година, до 2017 за него се потрошени 10. 779 000 денари, а само 1. 283 000 заработка од турите со туристите.


Не само пајтонот, и мерцедесот со кој се возеше претходникот на Шилегов, Коце Трајановски, ќе замине во историјата. Автомобилот, кој е од 2002 година, и ќе биде даден на продажба.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.