ЈСП: Децата над седумгодишна воздраст да плаќаат билет во автобусите

 

Јавниот транспорт во Скопје веќе подолг период е актуелна тема помеѓу граѓаните кои секојдневно, но и повремено го користат.

Откако дел од нив се навикнаа на новиот, електронски начин на плаќање со моја скопска, неодамна се појави проблем со продажбата на картички и можноста за надополнување, откако ЈСП го раскина договорот со фирмата задолжена за овие услуги. А, граѓаните се тие кои што се принудени секогаш да се навикнуваат на измените кои им се сервираат. Во моментов моја скопска може да се надополни на 32 билетари и 81 продавници и маркети на разни локации во Скопје. Од ЈСП најавуваат и модернизирање на мрежата, со креирање на веб апликација за надополнување на кредитот на картичките за возење.

Цената на билетот изнесува 35 денари, или 25 денари ако одлучите да купите билет за десет возења, но со ограничен рок на траење од 15 дена од првиот ден кога сте ја вчитале картичката во автобусот.

Патниците имаат можност да го користат и временскиот билет за цена од 60 денари, во времетраење од 90 минути, но само во еден правец. Што значи дека ако тргнете од Аеродром со петка, можете да го промените автобусот само во правец кон Ѓорче Петров, но не и да стигнете до Центар, и пак да се вратите назад до Аеродром.

Покрај временскиот, ЈСП го нуди и дневниот билет кој чини 120 денари, и нема ограничувања на бројот на возења, но само до 24 часот. Ноќните линии имаат посебен тарифник.

За разлика од многу европски метрополи, во Скопје не постои детски билет за возење во автобус. Возењето за деца до седум годишна воздраст е бесплатно, а поголемите треба да си плаќаат редовен билет како и останатите патници, велат од ЈСП. Претпријатието нуди можност за бесплатен превоз за учениците чии што училишта се оддалечени 2 километри и повеќе од местото на живеење.

И покрај релативно ниската цена на билетите за автобуски превоз, голем дел од граѓаните сепак одлучуваат да користат автомобил, наместо автобус. Како причина го посочуваат комодитетот, и заштедата на време, не обрнувајќи внимание на зачувувањето на животната средина.ѓ

И додека во Скопје се нуди единствено јавен автобуски превоз, во метрополите од соседството се нуди можност за комбиниран превоз, од трамвај, метро и автобус, вклучен во една цена.

 

 Колку за споредба, во Белград билет за едно возење во времетраење од 90 минути со градскиот превоз чини од 1,3 евра за 1 и 2 зона, до 3,4 евра за сите четири зони.

Загреб користи временски систем за наплата во градскиот превоз, па така цената се движи од 0,55 евра еден билет во времетрање од половина час до 1,35 евра за билет во времетрање од 90 минути.

 

Билет за едно возење во времетраење од 90 минути со јавниот транспорт во Атина чини 1,40 евра, но нуди и повеќе различни видови на карти и можност за купување.

Градскиот превоз во Софија е поделен на метро и автобуски, каде влегуваат и трамвајот и тролејбусот. Потребни се различни карти за двете, но цената за едно возење е иста и чини 0,80 евра.

 

Талин, главниот град на Естонија, од 2013 година нуди бесплатен јавен транспорт за сите регистрирани жители. Тамошните градски власти за оваа одлука претходно организираа референдум, на кој граѓаните со 75 проценти избраа бесплатен јавен транспорт.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.