„Ние навиваме за Македонија“ спортски викенд Илинден 2018

По повод одбележувањето на патрониот празник на Општина Илинден "Илинден 2-ри Август“ и националниот празник на македонскиот народ, под мотото „Ние навиваме за Македонија“ на 21 јули  сабота и 22 јули недела, по 10-ти јубилеен пат ќе се одржи Спортски викенд „Илинден 2018“.

 

На оваа традиционална спортска манифестација се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, баскет, тенис, атлетика-трчање, хокеј и голем фудбал. И на овој јубилеен 10-ти Спортски викенд централен настан ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2018”, која што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. „Трофеј Илинден 2018” има интернационален карактер бидејќи настапуваат велосипедисти од повеќе држави.

Стартот на трката е закажан за недела во 16:00 часот пред Спортската сала „Гоце Делчев“, каде што ќе биде и целта. Ќе се возат 4 круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино. Патеката е кружна, а должината на еден круг е 25 километри.

Како што информираат од општината се очекува да настапат над 70 велосипедисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории. На професионалната велосипедска трка ќе и претходи велосипедска трка за рекреативци во должина од 5 километри. На оваа трка можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани, независно од нивната возраст.

На шаховскиот турнир што се реализира во соработка со Шаховската федерација на Македонија што ќе се одржи во Домот на култура „Илинден“ се очекува да учествуваат 40 шахисти, меѓу кои и повеќе познати имиња во светот на шахот.

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски како покровителот на Спортскиот викенд „Илинден 2018“, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, пехари, медали, маици...

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.