Парковите во Кисела Вода се во очајна состојба

Парковите во Кисела Вода во лоша состојба

Редовна практика е за време на зимскиот период да се исклучуваат декоративните фонтани, и чешмите за вода, со цел да се спречи нивно зазмрзнување. Но, со затоплувањето на времето истите го враќаа сјајот на парковите, на задоволство на жителите. Барем така беше досега.

 

Оваа пролет, фонтаните сеуште остануваат исклучени. Ја посетивме општина Кисела Вода, и неколку локални паркови, како и детски игралишта. Од тоа што можевме да го забележиме, не само што фонтаните не се вклучени, туку и парковите се во лоша состојба. Жителите на општина Кисела Вода, кои ги затекнавме во парковите се жалат на негрижа од страна на локалната самоуправа. Како посебно алармантен го истакнуваат немилиот настан од минатата недела, кога чешмата од паркот Пушкин, паднала и повредила едно од децата кои го посетуваат паркот. Ваквиот случај не е резултат на несреќна околност, туку пример за занемарување на потребата од одржување на урбаната опрема, револтирано велат жителите на Кисела Вода. Подолг период се потпишувале петиции, се доставувале и барања до општината, со цел да се слушнат потребите на граѓаните, но реакција од општинарите се уште нема. Покрај оштетената урбана опрема, опасноста демне и од електричните столбови замотани со селотејп.


Дали лошата слика за парковите во Кисела Вода ќе успее да ја промени градоначалникот Филип Темелковски? Побаравме одговор од општината, од каде што ни соопштија дека денес ќе биде пуштена во употреба фонтаната во паркот Шопен, а до крајот на следната недела ќе профункционираат и фонтаните во останатите паркови. Во однос на чешмите низ општината, во тек е акција за нивна темелна санација, која е потребна како резултат на несовесното однесување на некои граѓани кои и покрај сите апели на Општина Кисела Вода и засилените инспекциски контроли, постојано ги вандализираат и уништуваат, велат од општината. Веднаш по нивната репарација тие ќе бидат пуштени во употреба.


Што се однесува до детските забавни паркови, општината потврдува дека е запозната со состојбата во која се наоѓаат детските паркови и најавува акција за санација на урбаната опрема и реквизитите на детските игралишта.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.