Претставата „Ничија земја" на МНТ за затворање на 37. издание на „Охридско лето"

„Охридско лето"

Со изведбата на претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар вечерва се спушта завесата на 37.издание на фестивалот „Охридско лето“, најголемата и најреномираната музичко-сценска манифестација во земјата.

 

Претставата „Ничија земја“ е режисерска поставка на Александар Морфов, работена според сценариото на Данис Тановиќ за истоменото филмско остварување што во 2001 година доби награда „Оскар“ за најдобар странски филм.

 

„Ничија земја“ е слика на апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски, така и во „воени“ услови. Драматургот Загорка Поп-Антоска Андовска за претставата ќе рече дека братоубиството е дел од битисувањето на народите на ова проколнато парче земја, каде што секој секому е подалечен роднина, секој секого разбира, каде што секој секого мрази и љуби, едновремено.

 

- Тановиќ избра извонредно место за драмското дејство. Ничија земја! Што би се рекло - ни ваму ни таму, токму така како што сите ние се чувствуваме замешани во оваа балканска каша. Ни ваму ни таму! Тоа е проклетија наша, балканска. Ни ваму ни таму. Ни (со) исток ни (со) запад. Ни напред ни назад. Ни горе ни долу. Заглавени во „ничијата земја“ заборавена од светот и векот, за која е изгубена секаква надеж од деминирање на глупавата нагазна механичка мина што сами себеси си ја подметнавме под задникот, вели таа.

 

Бугарскиот режисер Александар Морфов е дипломиран театарски и филмски режисер, кој од 1994 до 2000 година работел како главен режисер во Народниот театар „Иван Вазов“ во Бугарија. Од 2001 година успешно работи во Русија. Морфов е еден од најдобрите европски режисери на денешницата, работи на сцените на најголемите театри во Бугарија, Русија, Израел, Летонија, Романија, Македонија итн. Добитник е на бројни национални и меѓународни театарски награди, меѓу кои: „Аскеер“, „Икар“, „Златна муза“, „Златна маска“, „Кристален Турандот“ и „Галеб“.

 

Улогите во претставата „Ничија земја“ ги толкува бројна актерска екипа на МНТ, Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гијева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски.

 

За затворањето на „Охридско лето“ и за изведбата на „Ничија земја“ е одбрана алтерантивна сцена на просторот од некогашната воена касарна во Охрид. Сцената е избрана да соодветствува на приказната во претставата, самиот простор кај некогашната касарна би требало да даде дополнителна симболика на случувањата и дејството во поставката.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.