Премиера на „Сенки над Балканот“

„Сенки над Балканот“

Пилот-филмот од ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, вечер ќе има и скопска премиера во кино Синеплекс, на затворањето на второто издание од фестивалот „Киненова“.


„Сенки над Балканот“, по концепт и во режија на Драган Бјелогриќ, е меѓународна копродукција меѓу „Кобра филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија и „Искра“ од Русија. Како копродуценти на серијалот учествуваа и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија. Серијата е историски трилер за настани од почетокот на 20 век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Режисер на осмата епизода која се снимаше претежно во Битола и околината е Игор Иванов. Авторот на проектот и режисер Бјелогрлиќ на прес-конференција на ИФФК во Битола нагласи дека за потребите на филмот консултирал повеќе историчари.

 

Бјелогрлиќ е и во актерската екипа, во која се и Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Алексеј Солончев, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.


Покрај на фестивалот „Браќа Манаки“, пилот-филмот од ТВ-серијалот „Сенки над Балканот“ беше промовиран и на Сараевскиот филмски фестивал и Филмските средби во Ниш. Телевизиското прикажување на серијата е најавено за крајот на овој месец.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.