Македонската литература на Саемот на книга во Франкфурт

Саем на книга во Франкфурт

Повеќе од 400 наслови од над 250 македонски автори, наградувани и преведувани, меѓу кои и 70 наслови од македонски автори преведени на европски јазици ќе бидат изложени на штандот на Република Македонија на Саемот на книга во Франкфурт, кој ќе се одржува од денеска до 15 октомври.


Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи. Комесари на годинашното претставување на саемот се издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“, „Култура“ и КСЦ Полица.


Македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници под мотото „Магијата на македонската литература“.


-Во текот на саемските денови ќе бидат претставени пред се примероци од современата македонска книжевност, македонските автори кои веќе имаат објавено преводи на странски јазици, а фокусот на претставувањето ќе биде преведувањето на македонската книжевност на странски јазици, информира Македонската асоцијација на издавачи. Најавија дека ќе го потенцираат квалитетите на македонската книжевност, ќе работат на привлекување на интересот на странските издавачи.


На 14 октомври во 12 часот во еден од промотивните центри на саемот ќе се одржи панел дискусија на тема „Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ,малите јазици’“. Предвидено е да учествуваат претставници од Словенечката агенција за книга, еден од нашите најпреведувани автори Лидија Димковска, Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари“ и потпретседателот на Здружението на грузиските издавачи.


Саемот на книга во Франкфурт е најголемиот настан на меѓународната издавачката индустрија. Годинава ќе има околу 7.300 изложувачи од повеќе од 100 држави и околу 300.000 посетители. Предвидени се околу 4.000 настани и присуство на повеќе од 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.