Екипата на „Година на мајмунот" со позитивни впечатоци од премиерата

„Година на мајмунот"

Македонскиот игран филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски и во продукција на „Панк филм“ синоќа премиерно беше прикажан во киното „Милениум“. Со овој филм беше отворен 21. Скопје филм фестивал.


Блажевски на денешната прес-конференција ги изнесе своите позитивни впечатоци од премиерата и соопшти дека се работи за црна комедија или комедија на апсурд. 


- Сакавме стилски многу поразлична слика да создадеме во овој филм. Идејата беше да се долови некоја бајковитост на грдиот и апсуреден свет кој не опкружува. Филмот требаше позитивно да зрачи на гледачот, да создава контрапункт и да зрачи со оптимизам. Тоа беше наша стратегија, рече Блажевски.


 
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во актерската екипа се и Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов. Филмот се снимаше во 2016 година на 80-ина локации низ Македонија. 


Актерката Елена Трајковска изрази задоволство што соработува со режисерот Владимир Блажевски, кој бил и нејзиниот професор. Во филмот таа ја игра улогата на Ана која, како што рече, е комплексен лик, амбициозна девојка која заборавила на себе, на својот физички изглед, посветувајќи се целосно на кариерата. 


Досега филмот беше презентиран на две работилници и на еден форум. По официјалната премиера, „Година на мајмунот“ од денеска ќе продолжи да се прикажува во киносалите на „Синеплекс“, а светска премиера ќе има на 23 април на Московскиот меѓународен филмски фестивал. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.