Постземјотресно Скопје дел од Изложбата во МоМа, Њујорк

Во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк синоќа беше отворена изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“, истражувачки проект кој пред очите на светската публика го претстави исклучителното модернистичко наследство од територијата на поранешна Југославија, во кое значаен дел зазема темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова.

Главен куратор е швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на Филип Џонсон одделот за архитектура и дизајн во МоМА, ко-куратор е Владимир Кулиќ и Ана Катс асистент-куратор.

За истражувачкиот проект беше формирано т.н. кураторско советодавно тело од страна на МоМА во кое беа поканети десетина истражувачи од регионот, меѓу кои и архитектите од Македонија - Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.

Покрај оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, на изложбата се претставени оригинални цртежи и скици од работата на Танге во Скопје, како и бројни оригинални цртежи и дел од проектната документација на: Градскиот архив и Студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова - Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ итн. Покрај материјалот за Скопје, во делот во кои се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот Илинден во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.