Интернационален фестивал на античка драма „Стоби" од 19 до 29 јули

На сцената на амфитеатарот во древниот антички град Стоби од 19 до 29 јули ќе се одржи 17. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“што го организира општина Велес.

Како што информира на денешната прес-конференција претседателот на Организацискиот одбор Драган Миладиновски, ИФАД „Стоби“ свечено ќе биде отворен в четврток вечер во 21 часот со премиерата на претставата „Лисистрата“ во изведба на ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

На 20 јули ќе биде изведена претставата „Јулие Цезар“ на Народниот театар од Битола. На 22 јули на сцената во Стоби со претставата „Ардалион“ ќе настапи Ереванскиот државен театар на пантомима од Ерменија. На 26 јули ќе биде изведена претставата „Кралските копилиња“ во изведба на Народниот театар од Велес.

На 28 јули на древната сцена во Стоби со претставата „Нерон и јас“ на Жамбилскиот областен руски драмски театар, Казахстан. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Лисистрата“ која ќе има репризна изведба.

Како новина на фестивалот, како што најави Миладиновски, годинава првпат ќе се одржуваат и пет тркалезни маси на кои ќе се говори за претставите. Првата тркалезна маса е закажана овој петок во 12 часот во просториите на Народниот театар во Велес.

Директорот на Велешкиот народен театар Младен Крстевски потсети дека и годинава на фестивалот ќе бидат доделени наградите за најдобра машка и женска улога, за најдобра режија и Гран при наградата за најдобра претстава, како и две пропратни награди. Најави дека идната година сите награди ќе бидат именувани. На пример наградата за најдобра женска улога ќе се вика „Тинка Коларова“, а ќе биде именувана во чест на првата жена актер од Велешкиот театар. Наградата за најдобра машка улога ќе се вика Тодорче Николовски, а за најдобра режија „Стојан Стојановски“ во чест на овој познат македонски режисер.

Претседател на жирито кое ќе ги доделува наградите годинава ќе биде познатиот руски режисер Николај Круглов, а членови актерот Мето Јовановски актер и театрологот Ана Стојановска. 

- Годинава го враќаме фестивалот онаму каде што бил, во античкиот театар во Стоби, што значи враќање на духот на самиот антички театар за после две илјади години на исто место да се сретнат гледачите и актерите, потенцира Крстевски.

Во изминатите три години поради реконструкција на амфитеатарот во античкиот Стоби, фестивалот се изведуваше на сцената на Велешкиот театар. На место традиционалниот термин крајот на јули и почетокот на август, во 2015 година фестивалот се одржа на крајот на септември, а во изминатите две години на почетокот на октомври. Годинава на радост на бројната публика ИФАД „Стоби“ повторно се враќа во стариот термин - крајот на јули.

Организаторите годинава за фестивалот обезбедија бесплатно пет автобуси со кои ќе се носат посетителите од Велес до Стоби.Освен кај автобусите кои ќе поаѓаат во 20 часот, билети ќе можат да се набават и на касата од Велешкиот народен театар. Сите претстави ќе почнуваат во 21 часот. 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.