Културното наследство и идентитетот клучни за развој на туризмот

Идентитетот и културното наследство се клучни фактори за развој на туризмот. Државите треба да најдат начин преку промоција на својата историја и традиција да привлекуваат што е можно повеќе туристи, сметаат учесниците на 7. Меѓународна конференција „Водици 2019“ што се одржува во Струга.

 

На конференцијата, чија тема годинава е „Идентитетите, културното наследство и туризмот како важни елементи на современото секојдневно живеење и фигури на глобалните процеси“, учествуваат 50-ина, професори, научници и екперти од Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Азербејџан, Турција, Унгарија и Русија.

 

Идејата, според организаторот на „Водици 2019“ Рубин Земон, е да се поврзат повеќе дисциплини каде културното наследство, економијата, туризмот и медиумите заеднички ќе придонесат за туристичка валоризација.

 

-Културното наследство, туризмот, економијата и медиумите да се стават сите во еден заеднички контекст за сето тоа културно наследство што го имаме да се промовира соодветно по медиумите и да добие туристичка валоризација. Денес повеќето земји обрнуваат внимание на своите идентитети. Токму заради идентитетот се заштитува и културното наследство насекаде во светот, изјави Земoн.

 

Професорот Дејан Методијески смета дека последните години туризмот во светски рамки бележи постојан раст.

 

-Културниот идентитет е тесно поврзан со туризмот. Туризмот може да ги надмине културните разлики и може да биде катализатор на нови вработувања, размена на културниот идентитет и запознавање со културата на различни држави, смета Методијески.

 

Тој очекува позитивна дискусија на конференцијата и  заклучоците кои ќе произлезат да бидат преточени во зборник.

 

Туризмот, како што истакна Ференц Мизливец, професор од Унгарија, може да се развива преку спој на идентитетот, историјата и културата.

 

-Преку спој на историјата, идентитетот и културата  може да се развива светла иднина на полето на туризмот во одредени региони. Туризмот е главниот елемент кој не спојува сите нас кои сме различни. Треба да го промовираме знаењето преку заемно разбирањ затоа што само преку промоција на нашата култура ќе ја видиме културата и на другите земји, рече Мизливец.

 

Учесниците на конференцијата „Водици 2019“  ќе имаат можност да се запознаат со традицијата, обичаите и  културата на Охрид и Струга за празникот Богојавление – Водици и да присуствуваат на осветувањето на водите на реката Црн Дрим и Охридското Езеро.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.