Дојран на референдум решава за „Казандол" и за нови рудници

Дојран

Жителите на општина Дојран денеска на локален референдум ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“ кој се наоѓа на територијата на соседната општина Валандово и дали се „за“ или „против“ отворање на рудници за металични суровини на територијата на општина Дојран.

 

Право на глас имаат 2747 граѓани кои можат да гласаат на осум избирачки места. За да биде успешен референдум треба да излезат 50 отсто плус еден од граѓаните со право на глас, односно најмалку 1.374 гласачи.

 

Референдумот во Дојран беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот и за Дојранското Езеро. Советот на Дојран три пати носеше одлуки за одржување референдум, откако градоначалникот одбиваше да ги потпише со образложение дека работата на рудникот „Казандол“ не е во надлежност на општината, туку на владата и за тоа таа треба да донесе став.

 

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.

 

Референдум за „Казандол“ на 20 август треба да се одржи и во општина Валандово.


Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.