УНИЦЕФ: Институционалното згрижување не може да ги заштити децата од повреда

УНИЦЕФ

Случајот со злоупотребата на малолетното девојче од јавната установа за деца со воспитни и социјални проблеми „25 Мај“ е показател дека институционалната грижа не може да обезбеди соодветна заштита на децата од повреда.

 

Решение треба да се бара во трансформирање на овие институции и згрижување на децата во семејна средина како мали групни домови, но и во зајакнување на капацитетите на социјалните служби, полицијата и вработените во образованието и здравството, смета Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

 

Тој посочува дека лицата виновни за злоупотреба или небрежност мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Иако злоупотребата се случила надвор од државна институција, додава Перкс, случајот покренува сериозни прашања за тоа како општеството ги штити најранливите деца.

 

- Мора да признаеме дека институционалната грижа не може да обезбеди соодветна заштита на децата од повреда. Ниту пак можат да обезбедат здрав развој на децата и нивно закрепнување од траума, злоупотреба или занемарување кои можеби ги доживеале во семејството. Токму затоа Владата, ЕУ, УНИЦЕФ и другите партнери работат заедно на трансформирање на овие институции и згрижување на децата во семејна средина, каде секое дете ќе добие соодветна грижа, љубов и посветеност - нешта што сите ги очекуваме за нашите деца, вели Перкс во писмента изјава.

 

Тоа, смета претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, значи повеќе згрижувачки семејства, подобри процедури за посвојување, мали групни домови со многу подобар сооднос меѓу бројот на деца и персонал, и што е најважно, работа со родителите за најпрво да се спречи насилство, запоставување и напуштање.

 

Злоупотребата на децата, потенцира, е глобален проблем, а сторителите на дела поврзани со сексуална злоупотреба на деца се најопасни кога ќе влезат во мрежите на трговија со луѓе. Тие, вели Перкс, ги демнат децата под заштита на државата и оние од дисфункционални семејства, честопати и децата со ниска самодоверба, слаба приврзаност и ментални здравствени проблеми.

 

Затоа, според него, треба многу да се вложува во полициска работа водена од разузнавачки и форензички докази за да се разоткријат таквите мрежи и најцелосно да се примени законот за сите кои би ги повредиле децата.

 

Ефикасноста на јавниот сектор, потенцира тој во изјавата, исто така е е важна за справување со овој проблем.

 

- Луѓето кои работат во социјална заштита, образование, здравство и полицијата треба да се поттикнати и мотивирани да дадат сè од себе за децата. Социјалните работници мора да бидат оснажени да постапуваат како водители на предмети и да посочуваат соодветни даватели на услуги и интервенции во низа социјални, психолошки, здравствени и други домени, а кои ќе бидат насочени кон постигнување позитивни резултати за ранливите деца, вели Перкс и додава дека доколку се сруши табуто во јавноста, може да се отвориме искрена дискусија за проблемите со насилството врз децата.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.