Здружение „Без глутен”: Производите треба да имаат информација дали содржат глутен

„Без глутен”

Да се зајакнат правата на пациентите со нетолерантност и алергија на глутен и целијакија (хронична автоимуна болест) и производителите да им овозможат на потрошувачите да добијат клучни информации за природата и карактеристиките на храната, меѓу кои и онаа во вид на признатиот меѓународен знак дали производот содржи или не содржи глутен, бараат од Здружението „Без глутен” Гевгелија.


Тие денеска во Скопје одржаа  трибина насловена „Борба со непознато” по повод Светскиот ден Без глутен. Повикаа на подигнување на свеста кај граѓаните за рано дијагностицирање и правилно следење на болеста.


Претседателот на Здружението, Сара Јовановска рече дека производителите на храна треба задолжително да ги назначат алергените на производите.


Педијатарот Стефка Грујовска од Клиника за детски болести истакна дека на еден дијагностициран има седум недијагностицирани случаи. Изрази надеж дека во една институција наскоро ќе се воведат брзи тестови за утврдување нетолеранција на глутен за да се побараат пациентите барем во семејствата. Ако има некој болен од целијакија, посочи, ризикот е десет пати поголем за најблиските членови на семејството. 


- Болеста може да има типична клиничка слика која оди со симптоми во гастроинтестиналниот тракт, слабеење, повраќање, течни столици, анемија, епилепсија, мигрена, стерилитет, остеопороза, калцификати во централниот нервен систем, периферна неуропатија, трнење во нозете, нарушена функција на црниот дроб, зголемени вредности на серумските ензими, витилиго, дерматитис херпетиформис со везикули по кожата. Ако ја има оваа кожна манифестација сигурно имате целијакија. Дури не е потребно ни да се прави ендоскопија и тенко цревна биопсија, додаде доктор Грујовска.  


Нутриционист Сашко Дрвошански рече дека стадардните медицински тестови на испитувањето на молекулите на глутен се премногу ограничени, а во Македонија дури и во голем дел од Европа не се прават.


-Има информации дека во Шведска и во Америка во одредени лаборатории се испитува многу поширока палета од глутенот. Глутенот не е една молекула, туку спаѓа во групата протеински молекули во житарките. Го има во сите житарки како тип на молекули дури и во оризот како глутенска молекула, додаде Дрвошански.


Дистрибутерот на безглутенска храна Кети Ангелковска посочи дека кај еден на 4.000 пациенти е дијагностицирана нетолерантност и алергија на глутен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.