Грујевски и Бошковски нема да бидат екстрадирани во Македонија, одлучи грчкиот Врховен суд

Нема екстрадиција за Грујевски и Бошковски

Амнестијата од претседателот Иванов е причината што Врховниот суд на Грција денеска да го отфрли македонското барање за екстрадиција на Грујевски и Бошковски. Тие нема да бидат екстрадирани во Македонија, а многу брзо  ќе бидат пуштени на слобода и во исчекување да се разгледа нивното барање за добивање азил во Грција.


- Помилувањето ги покрива делата, рече претседателката на шестчлениот судски совет при соопштување на одлуката, по поднесената жалба за одлуката на судот во Солун, каде, пак, беше дадено зелено светло за екстрадиција.


Неколку минути по 13 часот, околу четири часа по почетокот на рочиштето, на кое имаше уште 22 други случаи, Судскиот совет ја соопшти одлуката, јави диписничката на МИА од Атина. 


Бошковски и Грујевски со радост ја дочекаа пресудата и одлуката на атинскиот суд.


Нивниот адвокат, Петар Василев, само неколку минути по соопштувањето на одлуката, за МИА изјави дека одлуката е објективна и заснована на законот.


- Сметаме дека одлуката е објективна и заснована на законот. Денеска Врховниот суд на Република Грција одлучи да не ги екстрадира, наводно обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски, бидејќи смета дека амнестијата, односно помилувањето што го има дадено претседателот Иванов за случаите што се поведени против нив, има правна сила, односно никогаш не може да престане правната сила по издавање на амнестијата. Ова судот го темели врз основа на законот и врз основа на праксата и пресудите на Европскиот суд за човекови права, вели Василев за МИА.


Од Врховниот суд во Атина, Грујевски и Бошковски беа повторно вратени во атинскиот затвор „Коридалос“, за да се запази процедуралниот дел. 


Според информациите на дописничката на МИА од Атина, процесот во вакви случаи или од одлуката на судот до нивното пуштање на слобода трае околу еден ден. Прво, за одлуката, обвинителот од Врховниот суд ќе го извести обвинителот од Апелациониот суд, кој потоа ќе испрати допис до солунскиот затвор „Диавата“ каде што се наоѓаа Грујевски и Бошковски откако беа уапсени на аеродромот во Солун, а во Атина беа префрлени поради рочиштето во Врховниот суд. Следниот чекор е солунскиот затвор да го извести атинскиот затвор, а потоа и секторот за мигранти на грчката полиција. Од секторот за мигранти, откако ќе се утврди нивниот статус (во конкретниот случај тие се легално во Грција поради поднесеното барање за азил) тие ќе бидат ослободени.


- По завршување на формалниот дел од постапката, сега треба да се уреди делот на постапката што го регулира нивниот престој во Грција и тие ќе бидат пуштени од затворот и ќе продолжат со постапката за азил за добивање престој во Република Грција, вели адвокатот Василев вели во однос на следните чекори.


Правниот застапник на Никола Бошковски и Горан Грујевски додава дека сега престануваат сите основи во делот на нивна кривична одговорност во Република Грција и „тие се слободни граѓани да можат да ги остваруваат нивните граѓански слободи и права во оваа земја“.


Како и изминатите четири рочишта во Врховниот суд во Атина, така и денешното, кога беше соопштена одлуката, минаа без никаков интерес од медиумите во Грција, а единствен новинар во судницата беше дописничката на МИА од Атина, нешто што беше и еден од аргументите на адвокатите на Грујевски и Бошковски да побараат сослушувањата да биде зад затворени врати.


Во Врховниот суд во Атина, по поднесената жалба за одлуката на солунскиот суд на 5 јануари годинава  за екстрадиција, се одржаа четири рочишта. Првото, на 16 февруари беше одложено, бидејќи немаше преведувач од македонски на грчки и обратно, но и поради тоа што грчките адвокати немале доволно време да го разгледаат предметот. Второто, по 2 седмици, повторно беше одложено, затоа што беше отсутен еден од адвокатите, а судењето започна на 9 март, зад затворени врати, беше прекинато поради правни прашања и продолжи на 27 април, кога и заврши и беше најавено дека одлуката ќе биде соопштена на 18 мај.


Грујевски  и Бошковски во Грција, сега имаат уште два различни и меѓусебно неповрзани процеси.


Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања беше закажано за вчера, но со оглед на тоа дека Бошковски и Грујевски се во Атина, ќе се одреди нов термин.


Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември. Сослушувањето пред комисијата за азил во Солун беше закажано за 15 февруари, но и одложено, поради тоа што тие се наоѓаа веќе во Атина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.