Семинар и дебата за примената на маслото од канабис во медицински цели

Примена на маслото од канабис

Меѓународни научници и доктори по медицина ќе одржат предавања на семинарот насловен „Канабис - 1000 зошто, 1001 затоа - Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?“ што ќе се одржи денеска во Скопје.

 

Семинарот е во организација на граѓанското здружение „Зелена алтернатива“ со цел продолжување на континуираната едукација на полето на канабисот и споделување на точни информации за неговите својства и употреба.

 

Активностите ќе се одвиваат во мултимедијалниот центар „Јавна соба“ во два дела. Првиот е семинар со предавања на професори, доктори и научници, признаени во светот за нивната посветеност, достигнувања и работа во областа на канабисот. Во овој дел, предавања ќе има Пол Хорнби, доктор и научник од Канада со повеќе од триесетгодишно искуство во третирањето на пациенти со канабис и екстракти од канабис, кој прв го стандардизирал канабис екстрактот со кој се таргетират специфични болести. Предавачи се и научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, д-р Лумир Ондреј Хануш од Израел, Роберт Меламед доктор по молекуларна биологија чии истражувања се во полето на канабиноидите, канцерот и обновувањето на ДНК, како и Јонас Вандерсван доктор од Канада кој третира бројни болести со екстракт од канабис и член на повеќе друштва и асоцијации за употребата на канабисот како медицинско средство.

 

На вториот дел од настанот предвидена е јавна дебата, на која се очекува медицински лица од земјава да ги споделат своите дилеми и искуства во препишувањето канабис.

 

- Целта на дебатата е да се приближат ставовите меѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето на пациенти со канабис. Поканивме над 100 медицински лица и се надеваме дека дел од нив ќе го посетат овој настан и ќе учествуваат во дебатата со свој придонес, да постават прашање или да споделат мислење и искуство, велат од „Зелена алтернатива“.

 

Употребата на канабисот само за медицински цели под строг надзор и контрола на стручни лица во Македонија е дозволена од 2016 година согласно измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.