Грчки медиуми: Северна Македонија со македонски јазик и македонски идентитет

Северна Македонија

Република Северна Македонија ерга омнес, со македонски јазик и идентитет е она што го содржи договорот што треба да го потпишат Македонија и Грција, според информациите на грчкото радио „247“ и новинарите кои открија детали од решението.


Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на фазите за имплементација на договорот, голем дел од информациите што ги објавува грчкото радио, веќе беа објавени во изминатиот период во медиумите во Грција, а ги пренесе и МИА, но се слични и со она што вчера го објасни шефот на грчката дипломатија во интервјуто за телевизијата „Контра“, а денеска го спомена и коалициониот партнер во владата Панос Каменос.


Договорот најпрво ќе се ратификува во македонското Собрание, грчката Влада ќе испрати допис до ЕУ и НАТО дека, според радиото, „го поттикнува почетокот на преговори за интеграција на Северна Македонија со ЕУ и интеграција во НАТО, под услов дека ќе се направи уставна ревизија“.


Во врска со состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 25 и 26 јуни во Брисел и НАТО самитот во јули, радиото го објави она што вчера го кажа Коѕијас, дека во ЕУ ќе се испрати позитивна порака за почеток на пристапни преговори, а за Северноатлантската алијанса, Македонија, односно „Северна Македонија ќе добие покана под услов да се направи уставна ревизија“.


Во продолжение, според грчките новинари, премиерот Заев ќе испрати допис до земјите што ја имаат признато Република Македонија под уставното име за да ги извести дека во сила е името Северна Македонија за билатералните односи и меѓународните форуми.


- Во периодот од јули до декември 2018, Владата на Заев ќе треба да одржи референдум и ако исходот е позитивен ќе направи уставна ревизија. Доколку е негативен, како план Б постои веројатноста распишување парламентарни избори со референдумски карактер за скопското прашање, објави радиото „247“.


Кога сите обврски од македонска страна ќе бидат завршени, тогаш договорот ќе дојде на гласање во грчкиот Парламент, а во исто веме ќе се ратификува и членството во НАТО.


Засега нема официјална потврда ниту од грчката, ниту од македонската Влада за тврдењата на грчките медиуми за содржината на договорот. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.