Заев со уверување дека повеќето граѓани ќе гласаат позитивно на референдумот

Премиерот Зоран Заев денеска, откако Македонија ја доби поканата да почне преговори за влез во НАТО, на првиот ден на самитот на Алијансата во Брисел, ирази уверување дека повеќето граѓани на Македонија ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум за Договорот со Грција за името, пренесува МИА од Брисел.

Учествуваќи како говорник на конференцијата „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“ Заев истакна дека откако денеска генералниот секретар Јенс Столтенберг ја објави одлуката, следуваат обврските што треба да ги исполнат двете страни. 

- Ние се обврзавме на референдум, бидејќи го менуваме уставното име. Референдумот би требало да се одржи кон крајот на септември, почетокот на октомври, потоа следуваат уставните измени, за што се потребни до сто дена според деловникот на Собранието, а потоа следува ратификацијата во грчкиот Парламент. Процесот е многу демократски, нормален и секако верувам дека нашите граѓани во голем процент ќе бидат за, порача премиерот Заев, на конференцијата, на која учествуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и координаторот за НАТО Стево Пендаровски. 

Несогласувањата со претседателот и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат менаџирани преку отворен дијалог.

- Жалам што нашиот претседател го загуби моментумот да биде со нас, но по гласањето на нашите граѓани, политичарите ќе мора да ја почитуваат нивната волја и да ги исполнат нивните барања. Претседателот може да одлучи да не го потпишне законот за ратификација и откако вторпат беше изгласан во Парламентот, но по референдумот сите политичари во нашата земја ќе мора да се покорат на волјата на граѓаните, рече Заев.

Граѓаните на Македонија и Грција, истакна тој, долго време живееле одвоени поради ова политичко прашање и сега со договорот доаѓа време кога двете страни треба да ги почуствуваат придобивките, не само сојузништво во НАТО и ЕУ, туку и можност за зголемена соработка во економијата, инвестициите, културата, образованието.

Процесот на преговорите не бил лесен, но сепак тој и Ципрас, како што рече покажале дека повеќе се грижат за иднината на граѓаните, отколку за својата политичка кариера. 

- Не беше лесно и за двете страни. Реакциите на опозициите во двете земји, кои се како copy paste, ни е потврда дека имаме фер договор. Имаше тешки периоди за време на преговорите на пример кога се разговараше за идентитетските прашања, за новото име на мојата земја, но имавме голема верба во нашата интеграција  во НАТО и ЕУ и во тоа дека ќе добиеме нов пријател со кој  заедно ќе соработуваме за подобра иднина, рече Заев.

Нагласи дека Грција и Македонија со постигнувањето на договорот поместиле планини и покажале пример дека е можно да се реши едно вакво сензитивно прашање.

Заев нагласи дека во секое семејство има кавги, но тоа не е причина за разделба или уништување на семејствата, алудирајќи на споровите во регионот и осврнувајќи се на тоа зошто всушност Македонија сака во НАТО.

- Нашите пријатели, земјите-членки веројатно заборавиле колку е студено надвор од куќата, тие мора да не забораваат зошто Алијансата е формирана, за да го чува светскиот мир и да се грижи за стабилноста и безбедноста. Ние сме мала земја, но сакам да придонесеме во изградбата на подобар свет, порача Заев.

На прашањето што Македонија може да и понуди на Алијансата, како ќе придонесе, Заев истакна дека земјава е четврторангирана, според учеството во мисиите во Авгтанистан по глава жител, го зголеми учеството за 20 отсто, земјата е мултиетничко општство како и НАТО и гради општество, кое е еднакво за сите, каде сите имаат еднакви права и должности.

- Ќе има нов ветер, нови вредности, ние сме мала, но пријателска земја и можеме да дадеме своја нова вредност кон НАТО. Членството не е секогаш во бројки, битна е суштината и знам дека со нашето членство ќе се обезбеди поголема стабилоност во уште еден дел на светот, кој беше опасен во минатото. Балканот беше како темпирана бомба, рече Заев.

Во врска со влијанието на Русија во земјава, нагласи дека Москва нема ништо против нашето членство во ЕУ, но имаат против пристапот во НАТО. 

- Ние сме мала земја, не сме опасност за никого, сакаме да партиципираме во придонесот за мирот и безбедноста, сакаме пријателство со сите, а за нашата земја нема друга алтернатива, освен влез во ЕУ и НАТО, порача Заев.

Нагласи дека Македонија економски не е толку зависна од Русија, повеќе е поврзана со западните земји, поради што постои мала веројатнот дека Москва би можела да врши економски притисок поради нашето членство во НАТО. 

На прашањето, која е неговата најголема грижа, поради која навечер не може да спие, Заев истакна дека тоа е грижата како да им обезбеди подобар живот на своите граѓани. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.