Дедото на Тамара доби седум години и шест месеци затворска казна

Седум години и шест месеци затворска казна доби дедото на Тамара, Љупчо Стојановски за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

 

Судиката Софија Лаличиќ во образложението за пресудата меѓу другото рече дека судскиот совет сочувствува со загубата на обвинетиот и неговото семејство, но праша, дали барањето правда преку одмазда, по принципот „око за око“, е правдата која сакаме да владее во нашата држава.

-Барањето правда преку одмазда, е само уште една неправда. Затоа одмаздата не е начин, ниту решение, рече Лаличиќ.

 

Судијката нагласи дека оштетениот е жив, не затоа што обвинетиот Љупчо не сакал да го убие, туку затоа што оштетениот Тодоров успеал да се наведне и да помине под неговата рака. Лаличиќ рече дека поранешниот министер за здравство Тодоров при сведочењето во судот сликовито опишал дека во тој момент почувствувал жештина во горниот дел од челото и го осетил проектилот како му поминал непосредно над главата.

-Токму близината на куршумот до челото на оштетениот, говори за постоење умисла во дејствијата на обвинетиот да го убие Тодоров, а не како што наведе во својот исказ, „ јас седев на скалите, на одмаралиштето и кога го видов Тодоров со колата излегов и со намера да го извадам пиштолот за да пукам во вис и да извикам да нема друга повторна Тамара“, истакна Лаличиќ.

 

Адвокатката на Стојановски, Павлина Зефиќ во изјава за медиумите рече дека не очекувале ваква пресуда бидејќи, според нив, не постојат цврсти докази дека обвинетиот сакал да го убие Тодоров и самото тоа што тоа што бил присутен пред Министрсвото за здравство и држел пиштол од кој било испукано куршум, а не било докажано како. Тоа, рече Зафиќ, дедото на Тамара не го прави убиец.

-Имаме недоверба кон институциите бидејќи сметаме дека МВР и Обвинителството не си ја завршиле својата работа. Сите бевте сведоци дека немаше барутни честички на неговите раце и на неговата облека, а немаше и доказ каде е завршен проектилот кој бил пронајден после 16 дена, рече Зефиќ.

 

По однос на немање присуство на барутни честички на рацете на обвинетиот, претходно судијката Лаличиќ рече дека вештото лице од МВР, исклучително стручно и професионално образложло дека не секогаш може да бидат пронајдени барутни честички на раката на лицето кое извршило испалување од огнено оружје, и тоа од неколку причини: доколу испалувањето е вршено на отворено, поради струењето на воздухот, поради обилно потење на раката, ...

По читањето на пресудата Обвинителството побара продолжување на притворот до извршување на почетокот на казната, со образложение дека постои опасност обвинетиот да го доврши делото и да биде недостапен за органите на прогонот.

Одбраната најави жалба на пресудата и поради здравствени проблеми на обвинетиот побара да му се укине притворот.

Стојановски на 1 јуни минатата година пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, откако почина неговата внука Тамара чекајќи операција во странство.

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.