Асоцијацијата на земјоделци се согласува дека производствената цена на пченицата е 9,14 денари за килограм

Асоцијацијата на земјоделци се согласува со пресметките на Минситерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дека производствената цена на пченицата изнесува 9,14 денари.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека годинава се намалени приносите на лебното зрно, поради врнежите од дожд и невремто проследено со град.

- Приносите се мали, ние очекувавме просечните приноси да бидат над три тона, но временските прилики си го направија своето. Лани имаше суша, па немавме приноси, а сега имавме премногу дождови кои исто ги намалија приносите. Земјоделците ќе бидат задоволни доколку имаме и дополнителни субвенции, а ако останеме на оваа откупна цена ќе биде лошо. Ние не се откажуваме од вкупните 12 денари за килограм пченица од државата и мелничарите, изјави Шаклев.

Мерката на соседно Косово за зголемување на царината за овошјето и зеленчукот, кои се увезуваат во оваа земја, Шаклев ја нарече политичка и додаде дека нема да даде никакви резулати.

- Треба да оставиме пазарната економија да си го направи своето. Треба да се оди на орворени граници, на квалитет и конкурентност, а не да ги заштитуваме своите производи со политички мерки. Исти такви мерки може да предложи и нашата држава и тоа ќе оди во недоглед, посочи Шаклев и додаде дека со мерката нема да се постигне саканиот ефект.

Тој забележа дека се очекува од оваа мерка на Косово во екот на сеозната да трпат македонските производители на зеленчук и овошје, кои ќе мора да плаќаат повисоки царини, но и граѓаните на Косово, кои овие производи ќе ги купуваат по многу повисоки цени на пазарите. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.