Власта и опозицијата остануваат со исти ставови

Во Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да продолжи расправата за Предлогот за пристапување кон уставни измени.

 

Владејачкото мнозинство и опозицијата се уште се на истите позиции - пратениците од власта сметаат дека предлогот треба да биде прифатен за да се отворат вратите на НАТО и за ЕУ за Македонија, додека, пак, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлогот, како и Договорот од Преспа од кој произлегуваат уставните измени се неприфатливи. 

 

Доколку денеска заврши расправата за Предлогот, што до Собранието го достави Владата, ќе треба да се пристапи кон гласање. Нема информација дали по завршување на расправата веднаш ќе се оди на гласање или, пак, тоа дополнително ќе биде закажано. За усвојување на предлогот е потребно двотретинско мнозинство. Пријавени за збор на оваа 61. седница останаа повеќе од десетина пратеници од владејачкото мнозинство, бидејќи пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во средата се откажаа од натамошна дискусија повикувајќи веднаш да се пристапи кон гласање.

 

Доколку Предлогот за пристапување кон уставни измени не биде усвоен од Собранието, би можело да се очекува распишување на предвремени парламентарни избори. СДСМ сака избори доколку не се успее да се собере двотретинско мнозинство во Парламентот, додека за ДУИ тоа не е решение. 

 

Собранието на агендата за следната недела има закажано седници на комисии, а за среда е закажано продолжение на 61. седница.

 

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол, синоќа ја повика опозицијата во Македонија на одговорност пред гласањето во Собранието.



- Клучни одлуки треба да се донесат во ПЈРМ кои ќе ја одредат иднината на идните генерации. Опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес, напиша Дол на Твитер.  

 

Премиерот Зоран Заев вчера преку својата официјална Фејсбук страница уште еднаш ги повика пратениците да донесат правилна одлука и да кажат „да“ за можноста која е пред нив. 

 

- Пратеници, да кажеме да на можноста пред нас. Историјата ги памети правилните одлуки, напиша Заев.

 

Премиерот вчера од струмичко Муртино порача дека тој и неговиот грчки колега премиерот Алексис Ципрас остануваат целосно посветени на перспективите на новиот Балкан на 21 век. 

 

- Балкан во кој ќе се гради пријателство, во кој ќе се унапредува соработката, каде што ќе придонесуваме за подобар економски раст и раст на нашите земји, на посреќни граѓани и секако на зголемена трговија, нови инвестиции и подобар економски стандард на граѓаните и на Македонија и на Грција, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање за телефонскиот разговор со Ципрас и по оставката на министерот за надворешни работи, Коѕијас.

 

Заев додаде дека неговиот грчки колега го информирал за случувањата кај нив и дека тој останува посветен на договореното и дека је презема и функцијата министер за надворешни работи со цел и гаранција дека ќе се реализира Договорот од Преспа.

 

- Негувам надеж дека Парламентот ќе собере сили, дека пратениците ќе се одважат и охрабрат, затоа што, пред се, се претставници на граѓаните, а потоа на политичките партии и ќе се исправат пред историската одговорност, пред оваа непропустлива шанса за Македонија. Конечно да дадат спас за потврдување на потребата за отварање на уставни промени, рече премиерот Зоран Заев.

 

Објасни дека потоа ќе следува нацрт на уставните амандмани, по кои ќе се дискутира, ќе се одобрат, па ќе има јавна дебата и на крајот е гласањето за самите уставни амандмани. Побара да му се даде живот на овој процес, бидејќи тоа е единствената гаранција за подобри перспективи на сите граѓани, исполнување на нашите стратешки цели-ЕУ и НАТО и секако е шанса која не смее да се препушти.

 

На новинарско прашање дали не се откажува од мнозинство и како ќе успее да го обезбеди, претседателот на македонската Влада рече дека е верник и дека некогаш чуда се случуваат. Уставните измени, според него, треба да се направат со конзензус.

 

И пратеничката група на СДСМ вчера ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да подржат уставни измени. Координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев поддржан од целата пратеничка група на прес-конференција во Собранието рече дека алтернатива не постои и оти секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи.

 

- Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа, рече Тунтев. 

 

Нивниот коалициски партнер ДУИ смета дека избори не се решение. Пратеникот Артан Груби на прес-конференција исто така придружуван од своите колеги рече дека „план Б нема“ и оти има само план „А“ а тоа е евроатланска Република Македонија, интегрирана полноправна членка со целиот западен демократски свет. 

 

- Затоа се фокусираме целосно на план „А“ и успех на амандманската расправа во Собранието на Република Македонија. Убедени сме. Правиме напори интензивни, сме правеле сиве овие недели, продолжуваат и денеска и утре се до постигнување до конечен успех. Ние не се откажуваме од нашиот сон за интегрирација на Македонија во НАТО и во ЕУ, рече Груби. 

 

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека пратеничката група е единствена и повикува денеска да се пристапи кон гласање.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.