МХЕ Тополки: Постапката е идентична со веќе изградените над 70 мали хидроцентрали

Вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која беше изнесена невистина дека МХЕ Тополки по пат на непосредна спогодба добило градежно земјиште за изградба на мала хидроцентрала, претставува класичен пример на манипулација на јавноста,  реагира МХЕ Тополки до медиумите.

Во реакцијата појаснуваат дека давање државно земјиште на користење под долготраен закуп за изградба на објекти од јавен интерес, какви што се малите хидроелектрани, е редовна административна постапка согласно Законот за градежно земјиште и е задолжителна обврска согласно со одредбите од сите договори за концесија за изградба на мали хидроелектрани.

– Конкретно, обврската за склучување Договор за долготраен закуп на државното земјиште за кој согласност треба да даде Владата, произлегува од Договорот за концесија на МХЕ Тополки ДОО кој е изработен од претходната власт и е потпишан со државата во 2015 година. Ова земјиште кое се дава под долготраен закуп останува сопственост единствено на Република Македонија, и во ниеден случај не се пренесува сопственоста на МХЕ Тополки ДОО. Исто така, по истекот на концесискиот период, целосниот објект кој е инвестиција на МХЕ Тополки ќе се предаде во државна сопственост, појаснуваат во реакцијата.

Од МХЕ Тополки птенцираат дека постапките спроведени за реализација на договорот за концесија на МХЕ Тополки како што е конкретната за склучување договори за долготраен закуп на земјиште се идентични со постапките со кои досега се изградени над 70 мали хидроцентрали во Република Македонија и на други концесионери.

– Со ваквите невистинити тврдења и обвинувања изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, тенденциозно и намерно се прави обид за нанесување штета на Друштвото МХЕ Тополки, како и на неговите основачи коишто градат објекти од јавен интерес, а кои се за доброто на сите граѓани на Македонија. Од таа причина бараме јавно извинување од ВМРО ДПМНЕ во рок од три дена за конкретното неосновано обвинување, во спротивно Друштвото МХЕ Тополки ќе биде принудено да покрене соодветни судски постапки, стои во реакцијата од МХЕ Тополки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.