УБК e организатор на настаните од 27 април, тврдат дел од обвинетите

По повеќе од три месеци од судењето за настаните од „27 април“ вчера во Кривичниот суд првпат беше посочено дека Управата за бесбедност и контраразузнавање е организатор на упадот во Собранието на РМ

 

Тројца од обвинети изјавија дека биле организирани од обвинетиот Александар Василевски-Нинџа кој пак примал дирекни наредби од поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и началникот во Управата, бегалецот Никола Бошковски.

 

Обвинетите во речиси идентични искази ги објаснија дејствувањата на групите кои биле организирани и пред настаните од 27 април, како што е протестот пред ДИК и рекоа дека биле изиграни од УБК врз основ на нивните патриотските чувства дека се работи за опстанокот на Македонија, а со цел да се заштитат одредени луѓе на власта.

 

Обвинетиот Стефан Младеновски, во својот исказот рече дека добивал наредби од Нинџа, од кој пак дознал дека е близок со првиот човек на УБК и дека можел да прави што сака. Тој со Нинџа и неговите луѓе се среќавав на партиските собири заедно со неговиот брат и таму се запознал со лицето Прскач од УБК. Наведе дека потоа почнале протестите и дека тој учествувал десетина пати со неговиот брат, но и со луѓе на Нинџа, посочувајќи дека за протестите имало логистичка поддршка од сите Комитети на ВМРО. За планот за влегувањето во Собрането кога СДСМ ќе формира Влада, дознал во февруари, кога ги викнал Нинџа, а таму имало луѓе од МВР и УБК.

 

– На таа средба Прскач ни кажа дека државата ни е загрозена и треба да си ја одбраниме, дека тие ќе стојат зад нас и дека сите насоки ќе ги добивам од Нинџа. Нинџа кажуваше дека на тие протести ќе се следи кој е присутен и дали ќе има провокатори, раскажа Младеновски.

 

Обвинетиот Михаил Младеновски по исказот на неговиот брат Стефан ги потврди наводите дека целиот настан е креиран од структури во УБК со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите.

 

Рече дека по насоки на УБК Нинџа требало да следи одредени лица кои, како што кажуваше, се државни непријатели. Објасни дека Нинџа на свое располагање имал две возила од УБК, моторола за следење на целата комуникација на СВР Скопје и полициски значки.
 
 
– Нинџа употребуваше еден збор дека ние сме надворешна 5-ка, односно група што содејствува надворешно со УБК. Тоа го нарекуваа пирамида што не може да биде урната. Никола Бошковски во една прилика ми кажа дека сме како јато и ако еден се одвои ќе биде осамена птица и незаштитена, рече обвинетиот Младеновски.
 
 
Михаил се присети дека немале насоки што да прават во Собранието на 27 април, каде се движел по инерција со толпата и откако излегол се видел со другите во паркот Жена борец.
 
 
– Тогаш дојде голф петка со сива боја и застана кај Зегин, спроти Жена парк. Тоа е службено возило на Никола Бошковски. Ни кажаа дека во возилото има оружје и треба да се подели на луѓе кои знаат да ракуваат со оружје. Причината за тоа е зошто имале информации дека доаѓа група Албанци со оружје. Ама тоа не се случи. Тогаш Синиша од кај претседателот Иванов ни кажа дека ќе се прогласи воена состојба и со воена полиција ќе се апси новото парламентарно мнозинството за државен упад. Таа неизвесност траеше до 22 часот, кога Иванов излезе и повика на смиреност и закажа лидерска средба, изјави обвинетиот Младеновски, потенцирајќи дека знае дека има голем интерес јавноста да ја знае вистината.
 

Обвинетиот Захарие Симовски, кој беше најавен од неговиот адвокат како „трет херој на денот“, во изнесувањето на неговата одбрана рече дека учествувал во настаните од 27 април, како и претходно во протестите со иницијативата „За заедничка Македонија“, по наредба на обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на кого му бил личен телохранител од 2015 година.

 

Симовски рече дека во 2016 година на протестите пред ДИК кога чекале наредба да прават нереди и да фрлаат со молотови коктели, биле известени од Нинџа дека директорот на УБК Атанасовски дал наредба да се запалат домовите на Радмила Шекеринска и Петре Шилегов и автомобилот на Љубомир Фрчковски.

 

– Јас имав задача да ги најдам локациите и ги известив дека во домовите на таргетираните лица нема никој, како и дека бараното возило на Фрчковски, не е на паркингот пред неговиот стан. За среќа не дојде до таков настан, истакна Симовски.

 

Обвинетиот рече дека учествувал и на протестите на „За заедничка Македонија“  на кои најчесто тргнувале од пред ТЦЦ Плаза и многу често неговиот шеф Нинџа влегувал во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на средба со функционери, а имал сознание дека се сретнувал и со тогашниот премиер Никола Груевски.

 

На 27 април во кафе барот „Дион“ стигнал околу 14 часот, а претходно му било јавено да го земе оружјето, кое, како што наведе, никогаш не го употребил. По средбата во кафе барот тргнале кон Собранието каде прво влегле во пленарната сала, а потоа кон прес-центарот.

 

– Кога обезбедувањето на пратениците пред прес-центарот испука кршум, го видов Игор југ како репетира пиштол, а јас само го допрев мојот пиштол преку облеката, истакна Симовски, додавајќи дека влегле во салата и потоа излегле и сите од групата се нашле пред споменикот во „Жена парк“.

 

Таму констатирале дека се измамени и изиграни од власта, посебно од Управата за безбедност и контраразузнавање која најчесто ги контактирала и организирала групите.

 

По изјавата на Михаил Младеновски дека советникот на претседателот Синиша Алексоски им кажал дека претседателот Ѓорге Иванов ќе прогласи воена состојба, вчера реагираше Кабинетот на претседателот.

 

– Давање на лажен исказ е кривично дело. И  по не знаеме кој пат, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27-ми април, се наведува во реакцијата од Кабинетот на претседателот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.