Заев: Прифатливи предлози би можеле да станат дел од уставните амандмани (ДПЛ)

– Премиерот Зоран Заев денеска ја отвори првата јавна дебата за нацрт амандманите на Уставот посочувајќи притоа можни прифатливи предлози кои би можеле да станат дел од нив, а се изнесени на дебатата во собраниската Комисија и на пленарната седница.

 

Дел од овие предлози се за постепена примена дома на Договорот, во Преамбулата таму каде што се зборува за референдумот од 1991 година да биде вметнато и Уставот на РМ, за граѓаните кои живеат во нејзините граници да стои "и граѓаните кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ...", а исто така, рече премиерот, важно е во делот на државјанството да се прецизира што е државјанство, а што етничка припадност, дали да се стави терминот дијаспора...Владата, додаде тој, останува и понатаму отворена за други предлози во духот на Договорот од Преспа.

-Морам да признаам, рече тој, дека се консултираме со Грција и тие со нас.  Заев додаде дека за некои од овие предлози има позитивни мислења кај членовите на Владата.
 
Потсети дека во нацрт амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.
 
-Ние треба да побараме како Република Северна Македонија од грчката страна ратификација на  протоколот од НАТО оти така е опишано во самиот договор, а во суштина ние ќе бидеме Република Северна Македонија за меѓународна употреба откако Грција  ќе го ратификува и Договорот и  Протоколот од НАТО, рече Заев.
 

Грција мора, истакна тој, во ист ден или заедно паралелно  да ги ратификува конечната Спогодба  за решавање на спорот со името и протоколот за нашето членство во НАТО.

-Ова секако е дополнителна заштита за  нас. Секако доколку Грција не ги исполни своите обврски  тогаш нема да важат  измените на Уставот односно нема да стапат на сила и автоматски ќе се поништат, рече Заев.

Според Заев се повеќе граѓани го прифаќаат овој процес, но треба да им се објасни што после промената на името.
 
-Во овој процес нашиот народ се повеќе  и повеќе се охрабрува  во поддршка на преспанскиот договор  и рефлексијата од самиот договор  односно процедурите коишто  се случуваат во Парламентот, рече премиерот.
 
Според него, се води инклузивен процес во којшто, како што кажа, и власта и опозицијата се обидуваат да ги направат колку што е можно поспокојни граѓаните на РМ во делот на она што ќе се случува по  евентуалното усвојување на  уставните амандмани, колку тоа задира во чувствата на граѓаните, колку  е тоа нешто што ќе не  раздразни доволно за да се чувствуваме непријатно наспорти шансата што се отвора за РМ, посебно во нејзините перспективи кон интеграциите во НАТО и ЕУ, но истовремено и отворањето на перспективите за подобар економски прогрес, подобра економска благосостојба, но и зајакнување на нашите институции, како и зајакнување на севкупното општество.
 
Професорот Љубомир Фрчкоски смета дека амандманите не ја загрозуваат граѓанската основа на државата, дека се прифатливи од аспект на идентитетските прашања и дека притоа некои делови се зајакнуваат дури и кога се споменуваат други етнички заедници, како и дека решенијата се во рамки на уставно-правните стандарди.
 
– Ако се остави зборот Македонија во членот 36, тоа има консеквенци, рече професорот додавајќи дека можеби треба да се размисли за терминот национално ослободителни војни за независна македонска држава.
 
Во однос на Преамбулата, според Фрчкоски, дилемата останува дали да остане само да се наведе Прогласот, бидејќи тој на некој начин го опфаќа Манифестот, или да се оди на конкретно набројување на документите, што би биле екстензивно, но можеби треба да се расправа.
 
– Но не може да се реферира во Преамбулата на Уставот од 1991 година. За прашањето како ќе биде ставен Охридскиот рамковен договор, не е спорно дека тој конститутивно го менува политичкиот систем и го зацврстува, тој треба да биде ставен, но како, прашува професорот. Според него, треба да се раздвои реченицата на историските конститутивни акти, и временски се случува по Уставот од 1991 година.
 
Фрчкоски во однос на амандманот 36 предложи првиот став да гласи: Републиката да го штити и гарантира идентитетот и негува историското и културното наследство на македонскиот народ. Во третиот став да стои: Републиката се грижи за дијаспората…Се знае, вели тој, што е дијаспора.
 
Професорот Владо Поповски изнесе свој предлог на Преамбулата на Уставот.
 
– Мислам дека треба да се задржи од претходната пристапот: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ" бидејќи на таа основа укажуваме на еден битен факт дека граѓаните на Република Македонија, поединечно како историски субјект не се националниот државотворен субјект на македонската држава, туку тие граѓани секогаш се јавуваат здружено преку одредени организации водства и се јавуваат како колективен субјекти кој се бори за своја држава, рече професорот Поповски.
 
Тој во целост го презентираше својот предлог (амандман 33): Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои се дел албанскиот народ, турскиот народ, српскиот народ, влашкиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на заедничката татковина, еднакви во своите права и одговорни според идните генерации во согласност со традициите на Крушевскиот манифест и Крушевската Република и со решенијата на АСНОМ за негово прогласување за врховно, законодвано, извршно, народно, претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија…
 
На дебатата учествуваат пратеници, претставници на научната јавност, граѓански организации, новинари...Произлегоа дилеми во однос на прашањата дали треба да стои дијаспора или не, дали и Преспанскиот договор треба да стои во измените или, пак, дури и на Охридскиот рамковен договор да му се најде друго место во Уставот…Беа изнесени забелешки за членот 36, кој според професорот Гордан Калајџиски непотребно може да создаде правна конфузија. Професорот Блерим Река укажа дека е потребно да се затворат овие процеси поради политичките процеси и изборите во Грција следната година. Според, Ѓорги Спасов со јавната дебата треба да се растера стравот кај граѓаните и тие да се убедат дека имаме добар договор и дека амандманите не се ништо друго туку она што е договорено со Грција.
 
Процесот на уставните измени треба  да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната дискусија и со одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе  Собранието со двотретинско мнозинство  гласови од вкупниот број  на пратеници.




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.