Почна вакцинација против беснило за домашни миленици, во Куманово недоволен интерес кај сопствениците

Почна вакцинацијата против беснило за домашните миленици, но интересот за вакцинирање не е на задоволително ниво, информираа денеска, надлежните од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.

 

Кучињата пак, мора и да се чипираат и да имаат пасоши, што подразбира и вакцинација против беснило. Вакцинацијата чини 590 денари, а чипирањето до 30 март, годинава, е бесплатно. Освен вакцинација против беснило на домашните миленици им се даваат и таблети за чистење од паразити, што се покрива со цената за вакцинација.

 

-Вакцинацијата против беснило е дел од одговорно чување на домашни миленици. Се прави насекаде во светот, мора и кај нас. Има совесни сопственици, но ги има и оние кои не ги вакцинираат, ниту ги чипираат, некои од нив веројатно чекаат да се приближи крајниот рок, изјави ветеринарниот доктор Димитар Венев.

 

Во Куманово од поодамна немало случај на беснило кај домашни миленици. Според податоците на центарот, на ниво на градот Куманово има околу 4.000 домашни миленици. Од центарот велат дека ги следат предложените законски измени за кастрација на кучињата.

 

-Голем проблем во градот се кучињата кои доаѓаат од руралните средини и имаше најави кастрацијата да се изврши бесплатно, но сепак, сега тоа ќе се плаќа, а знаете дека кај нас се што треба да се плати е проблем и колку од сопствениците ќе се одлучат ќе видиме, изјави Венев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.