Продолжува комисиската расправа за одземање на имунитетот на Вељаноски

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања денеска напладне ќе ја продолжи расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.

Расправата за барањето за одземање на имунитетот на Вељаноски, кое е поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд поради сомнение за негова вмешаност во настаните од 27 април беше презакажана за денеска бидејќи за збор беа пријавени повеќе пратеници.

 

Во текот на дискусијата пратениците од власта и опозицијата се препукуваа за тоа дали е оправдано да се донесе одлука на поранешниот претседател на Собранието да му се одземе имунитетот.

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова е политички прогон, обид на слаабење на нејзината пратеничка група, откако изминатите две години им е одземен имунитетот на осум нивни пратеници.

 

Негодуваа дека Комисијата одлучува само врз основа на барање на суд, како и дека Вељаноски со своето однесување не покажува никакви постапки кои би укажале дека тој треба да биде притворен.

 

Со апел до пратениците од власта излезе опозицијата да не му го одземаат имунитетот на Велјаноски, поради тоа што, како што беше речено, тој со своето однесување не покажал никакви знаци дека ќе се противи на целокупната постапка што се покренува против него.

 

Претседателот на Комисијата Павле Богоевски нагласи дека работа на судот, а не на собраниската Комисија е да цени дали е оправдана или не мерката притвор за одреден случај,.

 

Поранешниот претседател на Собранието Вељаноски заедо со Миле Јанкиески и Спиро Ристовски во средата беше приведен на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Велјаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка 30-дневен притвор.

 

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето на судот и во рок од два дена да го достави до претседателот на Парламентот. По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.

 

Судскиот процес за настаните во собранието од 27 април 2017 година почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.
 
 
 
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие ги дадоа завршните зборови пред Судот, по што се очекува Судечкиот совет да ја соопшти пресудата.
 
Судијката Добрила Кацарска на 15 март ќе ја објави пресудата за обвинетите во предметот на СЈО познат како „27 април".
 
 
По завршните зборови на извршителите на настаните во Собранието на 27 април , истрагата полека се префрла на организаторите, Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски., кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста".
 
 
Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Трачуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.