Силјановска-Давкова: На Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи

На Македонија ѝ  се потребни радикални демократски реформи за да не остане закопана во транзицијата и да не направи ниту еден чекор кон демократска консолидација, рече вечерва кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Силјановска-Давкова на централниот митинг во Скопје.

 

Ја обвини Владата за катастрофално две и полгодишно владеење и дека наместо подобар живот, реформи, демократија, владеење на правото, борба со корупција и криминал, битка со непотизам и европеизација – единствено го променила името на државата.

 

-А тоа е најболната промена. Сè им беше дозволено, во сè беа толерирани, зашто мислеа дека високата цел ЕУ и НАТО дозволува ниски средства. Ама народот тоа го виде, не го одобрува, затоа стојам овде… Она што за нив е живот, за нас е закана по нашиот живот… Ниту е европска, ниту е реформска оваа влада. Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото, правдата е селективна, ја стига само опозицијата, а никако да допре некого од власта, рече Силјановска-Давкова на  митинг кој се одржа пред Владата.

 

Нема поделба на власта и затоа нема демократија, рече таа, а Парламентот е во раце на 81 пратеник кои само креваат раце и потврдуваат донесени одлуки во Владата – за да го сменат Уставот неуставно, за да организираат незаконски референдум, за да донесат неуставен закон за амнестија и да го сменат Кривичниот законик за гласови за промена на името. Претседателот сега, рече таа, целосно е анулиран при склучување меѓународни договори, а така беше и со Преспанскиот : „Тие го склучија Преспанскиот договор во име на безимена земја".

 

– Не смееме да им оставиме простор за повторни византиски парламентарни игри зашто ако нема цензус од 40 проценти, ќе си го сменат Уставот. И ќе се решат претседателот да се избира во Собранието, со политички пазар.  Сета власт тогаш ќе се најде во нивни раце… треба да се отвори и портата за предвремени парламентарни избори. Само тогаш двете глави, мојата и онаа на идната влада, ќе можат навистина да спроведат реформ, рече Силјановска-Давкова. Според неа, не треба да се очекува ниту  почеток на преговори во јуни, како што рече: „Не зашто ние не сакаме, туку зашто тие не знаат како".

 

Вети дека во Собранието ќе се обраќа и по 12 пати годишно адресирајќи ги проблемите на најранливите категории, а дека ветото  ќе го користи секогаш кога ќе биде згазен Уставот. Рече и дека е потребно квалификувана комисија да ги набележи сите слабости во Уставот кои предизвикуваат проблеми во спроведување на демократијата. Како претседател, рече, ќе именува двајца најдобри правници во Уставниот суд кој, рече, треба да го штити Уставот и граѓаните, а тоа сега не го прави.   – Немаме амбасадори во НАТО, ОН, ОБСЕ и Советот на Европа. Се разбира дека претседателот нема да потпишува укази за луѓе кои не заслужуваат да не претставуваат надвор, додаде Силјановска-Давкова.

 

Во својот говор таа ги потенцираше способностите на жените и рече дека по родова рамноправност  не сме отишле подалеку од АСНОМ, зашто од 26 министри само четири се жени, а на локалните избори градоначалници станале само шест жени. Во нејзиниот кабинет, рече, ќе доминираат жени.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е уверен дека падот на оваа Влада е многу блиску и дека наскоро кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова заедно со народот ќе ја извојуваат победата на претседателските избори на 21 април и на 5 мај, а оти потоа на предвремените парламентарни избори ќе дојде крајот на ова, како што рече, лошо криминално владеење.

 

-Пред помалку од една година, на мојот прв голем митинг како претседател на најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, одовде порачав дека не знам дали ќе успеам или не, но оти е важно секој еден од вас да верува во себе. Речиси една година потоа еве ме овде пред вас стојам и го имам одговорот. Вие вечерва ми помогнавте, успеавме заедно драги браќа и сестри. Успеавме затоа што верувате во себе и знаете дека овие избори се шанса да се избориме, за нас, за вас, за вашите деца, за вашите пријатели, за заедничката иднина и надеж. Ова е борбата за нашата земја, рече Мицкоски.

 

Тој истакна дека овие избори се различни од сите други поради фактот што, како што потенцира, оваа власт „удри по темелите на нашата заедничка куќа, по нашиот дом, почна да руши дел по дел од она што со генерации беше градено".

 

-Сруши еден темел, нагриза друг, почна со рушење на дневната соба, ги разнишаа гредите, а кровот кога тогаш ќе падне врз сето ова. Во меѓувреме ни велат седете внатре безбедни сте, иако сите добро знаете дека не е така. Затоа ова мора да престане. Мора да се спротивставиме на ова рушење, зашто ни го одземаат нашиот дом, кој не е само наше право туку и наша обврска. Затоа овој пат Македонија се брани на овие избори со гласачко ливче, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Ја обвини власта за неисполнети ветувања во сите области, за криминално владеење, за притисок врз граѓаните, за селективна правда. Ветуваше влез во ЕУ и НАТО, рече, а еве дури и годинава нема да има датум за преговори за членство во Унијата – не поради опозицијата или народот, туку поради нејзината неспособност.

 

Затоа, рече Мицкоски, граѓаните треба да го дадат својот глас за Силјановска-Давкова. Гласот за неа, потенцира, е глас за Македонија, за надеж, за иднина, за правдата и правната држава… Побара од оние кои заговараат бојкот да се откажат и да им се приклучат затоа што имаат исти вредности и заеднички работи. Бојкотот, рече, му одговара на Зоран Заев и тој на тоа потајно се надева и работи. Поддршка побара и од јавната администрација, припадниците на Армијата и полицијата, пензионерите, земјоделците, невработените… и, како што рече, сите останати кои се разочарани од оваа власт. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.