Од 1-ви јули Европска младинска картичка – можност за поврзаност, информираност и мобилност

Од 1-ви јули годинава ќе може да се користи Европската младинска картичка која е бесплатна и за неа може да аплицира секој млад човек во државата преку регистрација на www.mladinskakarticka.mk.

 

На почеток младите ќе добиваат попусти и поволности, но проектот предвидува во иднина таа да се прошири и да се користи за плаќање, за внесување стекнати вештини и искуства и да претставува еден вид лична карта на младите во земјата и во странство. Во проектот досега се вклучени околу 300 субјекти, како што се кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други што ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.

 

Картичката е поделена во неколку категории, и тоа: во угостителски објекти – има голем број кафулиња и ресторани што нудат од пет до 25 проценти попусти за младите. Во категоријата малопродажба има продавници за храна, облека, книжарници и продавници. Во категоријата култура се вклучени институции како МНТ, МОБ, Театар „Комедија“, Театар за деца и младинци и други што нудат 50 проценти на услугите. Во катергоријата спорт влегуваат спортските центри, продавници и многу други спортски објекти. Во категоријата едукативни центри и обуки за стручни вештини има широка понуда на обуки за стручни вештини преку Стопанската комора, и приватниот сектор, центри за странски јазици и останати субјекти што овозможуваат попусти и квалитетна содржина на обуки потребни за младите за нивна доедукација, развој и напредок. Тука се и туристичките центри како Попова Шапка, Маврово, Охрид и други што нудат дополнителни можности за младите. Подигањето на картичката е од 1 јули 2019 година.

 

Проектот е наменет за младите од 15 до 29 години и има за цел да го олесни и да го подобри нивното секојдневие со поволности што ќе опфатат повеќе категории.

 

Втората фаза од „Младинска картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“, кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.

 

Европската младинска картичка е бесплатна. Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Повикот за аплицирање за картичката  е отворен на веб-страницата mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките ќе почне од 1 јули 2019 година. Младите ќе може да ги подигнат картичките и да се информираат на повеќе локации одредени од Агенцијата за млади и спорт, а постои можност картичката да им биде доставена и по пошта.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.