Барселона го совладаа Реал со 3:2 во 173-от првенствен дуел

Ел Класико

На Бернабе се одигра големото шпанско дерби на вечните ривали Реал Мадрид и Барселона по 234 пат или популарното Ел Класико.

 

Гостинскиот тим на Барселона го совладаа Реал со 3:2 во 173-от првенствен дуел, во рамките на 33.коло. На тој начин Барселона се врати во борбата за шампионската титула. „Ел Калсикото“ го реши Лионел Меси со голот во 92.минута, односно со својот 500-ти гол во дресот на Барселона.

 

Реал и Барселона приредија уживање на милионскиот аудиториум, а покрај Меси, блескаа голманите на двата тима, Кејлор Навас и Тер-Штеген.

 

Во 28-та минута по првиот корнер на натпреварот, топката дојде до Марсело, неговиот центаршут го испрати Серхио Рамос кој го погоди дирекот, но топката се одби до Каземиро кој ја врати во голот за 1:0. Предноста на „кралскиот клуб“ траеше само пет минути, кога Ракитиќ испрати одлична топка до Меси, следуваше дриблинг на Аргентинецот покрај Модриќ и Карвахал и рутинска реализиција за 1:1.

 

Во финишот на полувремето Реал остана без Герет Бејл, кој ја обнови повредата на бутниот мускул, поради која го пропушти четвртфиналниот реванш против Баерн.

 

Барселона го презеде водството во 73-та минута, кога Ракитиќ со лева испрати вистински проектил од 18 метри за 1:2. Четири минути по водечкиот гол на Ракитиќ, Реал влезе во нови проблеми, Серхио Рамос го фаулираше Меси, а судијата Хернандез му покажа директен црвен картон.

 

Зидан во игра го внесе Хамес Родригез, а Колумбиецот само две минути по влегувањето во игра, по асистенцијата на Марсело успеа да израмни на 2:2. Потоа во самиот финиш Реал се обиде да стигне и до трите бода, со играч помалку, високо го напаѓаа противникот и тоа им се одмазди.

 

Серхио Роберто влечеше една топка 50-тина метри, додаде до Андре Гомеш овој до Алба, кој одигра повратна за Меси, а Аргентинецот со својот 500-ти гол во дресот на Барселона донесе голема победа за „блауграна“ и ја врати неизвесноста во шампионската трка.

 

Барселона и Реал по 33.кола се израмнети на врвот со по 75 бода, но „кралскиот клуб“ има натпревар помалку. Во случај сезоната да ја завршат со ист број на бодови титулата ќе оди кај тимот кој има подобар меѓусебен скор, а во случајов тоа е Барселона.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.