Шампионот Кливленд ќе игра во „големото“ финале

НБА

Актуелниот шампион во НБА лига Кливленд се избори за нов настап во „големото“ финале на најквалитетната светска кошаркарска лига.

 

Тимот на Кливленд ноќеска на гостувањето во Бостон славеше триумф со 135:102 и со конечни 4-1 во победи го доби финалето на Источната конференција. Леброн Џејмс постигна 35 поени, а Кајри Ирвинг 24 кај победничката екипа, додека за Бостон најпрецизен беше Ејвери Бредли со 23 поени.

 

Така трета сезона по ред во финалето на НБА лигата ќе играат Кливленд и Голден Стејт. Двата тима на доминантен начин стигнаа и оваа сезона до финалето. Кливленд имаше серија од 12 победи и само 1 пораз во во плеј-офот, додека Голден Стејт оствари 12 победи без ниту еден пораз.

 

Финалната серија која се игра во четири добиени натпревари по принципот 2-2-1-1-1, почнува на 1 јуни во четврток, а домаќин на првите два дуела е Голден Стејт.

 

Лидерот на шампионот Кливленд, Леброн Џејмс стана најдобриот поентер во плеј-офот во историјата на НБА лигата. Леброн синоќешниот петти меч против Бостон го заврши со вкупно 35 постигнати поени, со кои стигна до бројката од вкупно 5.989 поени во разигрувањето, симнувајќи го од првото место на листата на најдобри стрелци легендарниот Мајкл Џордан кој сега се наоѓа на второто место со 5.987.

 

Трет на вечната листа е легендата на ЛА Лејкерс, Карим Абдул Џабар со 5.762. Џејмс до овој скор поени стигна по 212 одиграни натпревари, додека Џордан тоа го стори на 179 одиграни меча.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.