Втор триумф на нашите кошаркари на „Трофејот на Македонија''

„Трофејот на Македонија''

Нашата најдобра кошаркарска репрезентација ја оствари и втората победа на „Трофејот Македонија“ што се одржува во Скопје.

 

На вториот натпреварувачки ден на меѓународниот турнир што се игра во СЦ „Борис Трајковски“ македонските кошаркари ја совладаа селекцијата на Холандија по продолжение со 78:72 откако регуларниот дел заврши нерешено 61:61. По четвртини резултатот гласеше: 9-20, 21-19, 11-14, 20-8, додека дополнителните пет минути црвено-жолтите ги добија со 17-11.

 

Со постигнати 23 поени најефикасен во редовите на нашата репрезентација беше капитенот Војдан Стојановски. Александар Костовски постигна 13, искусниот Ѓорѓи Чековски придодаде 11, а со својата игра се истакна и Бобан Стаиќ кој покрај 9 поени имаше и забележителна улога во одбраната каде оствари 5 украдени топки.

 

Претходно, Босна и Херцеговина беше подобра од Португалија со 63:58.

 

Така победникот на „Трофеј Македонија“ ќе биде решен на денешната средба меѓу Македонија и БиХ која ќе се игра од 18 часот, додека Португалија и Холандија (од 20.30 часот) ќе играат за пласман на третата позиција.

 

Извор: МИА





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.