Пехарот од Лигата на шампионките за ЖРК Вардар остана само сон

ЖРК Вардар

Пехарот од Лигата на шампионките за ЖРК Вардар остана само сон. Нов пораз од Ѓер во финалето со 27-26 по продолженијата.

 

Ѓер го одбрани шампионскиот пехар во реприза од ланското финале со идентично сценарио. Вардар и во петтото по ред учество на Ф4 турнирот во Будимпешта остана без трофеј, играјки за последен пат во составот кој беше блиску да ја освои Европа и правата титула шампион на Европа. И двете страни беа со речиси идентични состави како и во ланското финале.

 

Вистинска драма се одвиваше во последната од регуларните 60 минути. Вардар со атракцијата на Лекиќ имаше водство од 20-19 и беше на 19 секунди до пехарот. Но, Аморин ја искористи воиграната акција на Ѓер за израмнување на 20-20, а Вардар не успеа во последниот напад и финалето продолжи со екстра време од 2 пати по 5 минути. Бразилката и македонска снаа беше движечка сила на Ѓер во продолженијата. Вардар застана со мислите за пропуштената можност, но пронајде мотиви да се врати и од три гола негатива, а Чаначија во последниот напад не успеа да изедначи за дополнителна драма и пенали во Будимпешта. Кај Вардар најдобра беше Лејно со 17 одбрани и го понесе признанието за МВП на турнирот. Лекиќ беше прв стрелец со 6 голови, Радичевиќ постигна 4. Кај Ѓер, Грот заврши со 8, а 6 гола придодаде Аморин.

 

Во мечот за 3.место ЧСМ Букурешт го победи Ростов Дон со 31-30. Што да се каже по оваа драма, ЖРК Вардар остана без својот сон, да стане европски шампион, а Македонија по 16 години повторно да се радува на титула во женскиот европски ракомет. Оваа генерација повеќе нема да се повтори, а ваква шанса којзнае кога пак ќе имаме. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.