Годишнина од неуспешниот обид за државен удар во Турција

Годишнина од обидот за пуч во Турција

Турската амбасада во Република Македонија по повод годишнината од неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година организира повеќе активности и комеморации во чест на жртвите.


По тој повод турската амбасадорка во Македонија Тулин Еркал Кара, на денешната прес-конференција, истакна дека турскиот народ на овој датум од една страна тагува по жртвите, а од друга го слави како празник на демократијата бидејќи, не ја остави државата на предавниците.


- Народот се избори за зачувување на демократијата и со херојска солидарност го спречи превратот. Заканите од Фетулахистичката терористичка организација не се ограничени само на Турција, туку постојат секаде каде се активни нивните училишта и медиуми, преку кои се врши обучување и инфилтрирање на младите во институциите. ФЕТО училиштата и медиумите се се уште активни во Македонија. Тие не ја претставуваат Турција и чекаат можност за затрујување на односите меѓу Македонија и Турција, изјави Кара.


Посочи дека Македонија беше една од првите држави кои реагираа и покажаа поддршка по неуспешниот обид за државен удар.


- Турција придава големо значење на односите со Македонија. Земја која ја призна под уставното име. Турција била и ќе биде на страната на Македонија и искрено се надевам дека македонскиот народ ги цени овие напори. Од нашите македонски пријатели имаме големи очекувања и се надеваме дека претходно донесените акти ќе продолжат да бидат применети, и од новите власти, изјави Кара.


Главната церемонија за одбележување на годишнината од неуспешниот државен удар во Турција, како што најави амбасадорката Кара, ќе се одржи утре во Скопје.
Тајно инфилтрирани лица во вооружените сили на Турција на 15 јули 2016 година извршија неуспешен обид за државен удар и атентат врз претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Вечерта Ердоган го повика народот да излезе на улица и ги одбрани демократските институции и уставот од терористите. Во уличните немири животот го загубија 250 лица. За обидот за државен удар турските власти ги обвинија приврзаниците на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, по што почна со серија акции за нивно апсење и судски случаи.


На новинарско прашање дали разговарале со новата Влада за затворање на ФЕТО училиштата и медиумите во Македонија, амбасадорката Кара, посочи дека со претходнада влада била донесена одлука, но поради противење на тогашниот министер за образование, таа не била применета.


- Очекуваме новата влада да ги разгледа нашите барања овие училишта да се предадат на турските органи со цел да се заврши побрзо. Останува да видиме дали ќе бидат затворени. Истакнуваме дека станува збор за терористички организации и против нив треба да се избориме заедно. Како што рече претседателот Ердоган, ние не сакаме ниту една другра држава да закрвари од ова движење. Турција никогаш не се мешала и нема да се меша во внатрешните работи на Македонија и ќе бидеме тука како пријателска држава да помогнеме, ако и кога тоа ќе биде потребно, изјави Кара.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.