Брисел бара брза и темелна истрага за убиството на бугарската новинарка

Европската комисија побара брза и темелна истрага за свирепото убиство на бугарската новинарка, Викторија Маринова, нагласувајќи дека „нема демократија без слободни медиуми“, јави дописничката на МИА од Брисел.

 

- Со голема тага дознавме за убиството на Викторија Маринова. Европската Комисија очекува брза и темелна истрага која ќе ги изнесе одговорните пред органите на правдата и да се разјасни дали убиството е поврзано за нејзината работа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас.

 

Портпаролот потсети дека претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, пред еден месец во својот годишен говор истакна дека за ЕУ слободата на медиумите е „света“.

 

- Новинарите секаде мораат да бидат безбедни и да го даваат својот бесценет придонес за демократските општества, исракна Схинас.

 

Ова е четврто убиство на новинар во ЕУ за нешто повеќе од една година, по случаите во Словачка, Малта и Данска.

 

Европската и Меѓунаордната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.

 

- Уште еднаш новинар кој покрива корупција беше грозоморно убиен. Истражувачкото новинарство во Европа се повеќе е во опасност. Време е за акција од страна на државите - не смее да има неказнивост, изјави генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Антони Беланже. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.