Апсењата на 18 Саудијци поради смртта на Кашоги за Трамп е „добар прв чекор"

Претседателот на САД Доналд Трамп ги оквалификува како „добар прв чекор" извршените од Саудиска Арабија апсења во врска со смртта на Џамал Кашоги и додаде дека ќе соработува со Конгресот за соодветен американски одговор.

Трамп ја даде изјавата пред медиумите за време на „тркалезна маса" во Аризона, неколку часа откако Саудиска Арабија соопшти дека новинарот Кашоги е убиен при „борба со тупаници" во саудискиот конзулат во Истанбул. Кралството исто така, соопти дека 18 лица се уапсени, а вработени од разузнавањето отпуштени.

Прашан од новинарите дали смета дека објаснувањето на Саудиска Арабија е веродостојна, Трамп одговори потврдно: Да, да!

Тој сепак додаде дека пред да одлучи што да преземе понатаму, сака да разговори со принцот Мохамед бин Салман.

- Саудиска Арабија секогаш била одличен сојузник, но она што се случило е неприфатливо, изјави Трамп. Што се однесува до саудиските апсења, според него „тоа е голем прв чекор. Само прв чекор, но голем прв чекор".

Членови на Конгресот, вклучувајќи го сојузникот на Трамп сенатор Линдзи Греам, изразија скептицизам во врска со саудиската верзија.

„Прво ни рекоа дека Кашоги наводно излегол од конзулатот, и целосно се негираше саудиско учество. Сега имало тепачка и тој бил убиен во конзулатот, но сепак, без знаење на принцот", напиша на Твитер сенаторот републиканец.

„Саудиското објаснување за убиството на новинарот и жител на Вирџинија Џамал Кашоги при случајна тепачка во конзулатот е навредливо", напиша на Твитер сенаторот демократ Тим Кејн. Откако администрацијата Трамп нема да се постапи по извршеното злосторствата, Конгресот е должен да го стори тоа“, додаде тој.

Според конгресменот Адам Шиф тврдењето дека Кашоги бил убиен случајно, при тепачка, не е веродостојно.

„Ако Кашоги бил внатре во конзулатот, тој се борел за живот со луѓе испратени да го уапсат или да го убијат", напиша на Твитер демократот, кој е член на Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом. „Кралството и сите вмешани во ова брутално убиство треба да одговараат, и ако администрацијата на Трамп не сака да ја преземе водечката улога во тоа, Конгресот треба да го направи", рече тој.

Во синоќешната изјава на прес секретарот на Белата куќа Сара Сандерс вети дека САД внимателно ќе ја следат меѓународната истрага за смртта на Кашоги и ќе инсистираат на правда, која ќе биде навремена, транспарентна и во согласност со сите процедури.

И демократите и републиканците го повикаа Вашингтон да спроведе сопствена истрага, пренесува ДПА. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.