Судири и тензии во Албанија пред изборите

Албанската полиција уапси 15 лица и почна судски прогон против 50 други лица, откако демонстрантите од опозицијата насилно нападнаа избирачки места низ целата земја во обид да го спречат претстојното гласање. Ова беше објавено од страна на локалната полиција, објавуваат медиумите.

 

Албанија се соочува со политичка криза откако опозициски политичари масовно започнаа неделни протести против премиерот Еди Рама и одлучија да ги бојкотираат локалните избори на 30 јуни. Оваа недела нивни поддржувачи се судрија со полицијата на повеќе од 20 локации во земјата, каде што се очекува да се одржи гласање. Во северниот дел на Скадар опозициските демонстранти се судрија со полицијата во вторникот вечерта и запалија оган во училиште, кое требаше да служи како избирачко место.

 

Имаше и немири во средата вечер во Каваја, на 55 километри југозападно од Тирана, каде што полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои сакаа да ги уништат избирачките материјали. "Полицијата продолжува да ги истражува инцидентите од вторникот во различни делови на земјата и ќе ги предаде сите документи на судовите", се вели во соопштението.

 

Според локалните медиуми 5 демонстранти и 6 полицајци биле повредени во средата за време на судирите во различни градови. Премиерот Рама ги осуди инцидентите, велејќи дека "оние кои напаѓаат избирачки места, се однесуваат како талибанци, за да ги спречат изборите". Во средата министерот за внатрешни работи Сандер Лешаи предупреди дека владата ќе "распушти" некои локални полициски сили, кои се противат на националната полиција.

 

Политичката драма на Албанија се продлабочи претходно овој месец, кога нејзиниот претседател издаде декрет за укинување на изборите на 30 јуни, повикувајќи се на политичките превирања. Но, премиерот Рама и владејачките социјалистички пратеници не го почитуваат овој потег. Во меѓувреме опозицискиот гнев се зголеми, откако неодамна во медиумите беа објавени податоци кои покажаа докази дека претставниците на Социјалистичката партија извршиле притисок врз избирачите на општинските избори во 2016 година.

 

Во изјавата од средата Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти дека "цврсто ги осудува неодамнешните насилни напади врз органите одговорни за организирање на избори во различни општини во Албанија". Таа исто така ги повика организаторите на следниот опозициски митинг, "да обезбедат мирен протест".





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.