Македонски ученици освоија сребрен и четири бронзени медали на олимпијади по информатика

 Македонските ученици освоија еден сребрен и четири бронзени медали на 26. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2018) и 12. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018), што од 7 до 13 јули се одржаа во Темишвар, Романија. 

 

Сребрениот медал за Македонија на Балканската олимпијада 2018 го освои Мартин Динев од село Пирава, додека два бронзени медала освоија Владимир Максимовски од Штип и Андреј Величковски од Куманово. Четврти член на македонскиот тим беше Јосиф Тепеѓозов од Скопје.

 

Бронзени медали на ЈБОИ 2018 освоија Благојче Павлески од Прилеп и Тео Китановски од Скопје, а членови на тимот беа уште и Кристина Тасева и Марко Таневски.

 

Македонскиот тим на БОИ 2018 беше раководен од Емил Станков и Марко Палоски, додека тимот на ЈБОИ 2018 го раководеа Владислав Бидиков и Дарко Мартиновиќ, од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

 

Учениците од двата тима беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, што редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

 

Претседателот за ЗИМ, др Миле Јованов, кој воедно е претседател на Балканската олимпијада по информатика вели дека за држава како Македонија да учествува на овие престижни натпревари и од осум натпреварувачи да се врати со пет медали, во конкуренција во која скоро сите останати учеснички се значајно поголеми држави е неоспорно голем успех.

 

- Тоа што сите медалисти доаѓаат од различен град од Македонија е потврда дека талентот го има насекаде низ нашата земја и дека ние треба и понатаму да се трудиме да го идентификуваме и развиваме, вели тој.

 

На БОИ 2018 учествуваа вкупно 39 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија.

 

Дополнително, како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија и Туркменистан.

 

На ЈБОИ 2018 учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи од следните осум балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Здружение на информатичарите на Македонија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.