All for Joomla All for Webmasters

Арачиново

Арачиново добива нова општинска зграда, најавен и проект за фекалната канализација

Арачиново

Граѓаните на Арачиново и вработените во локалната самоуправа ќе добијат нова зграда. Во новиот објект, за чија изградба се издвоени 260 илјади евра, вработените ќе можат во соодветни услови да креираат квалитетни услуги за граѓаните. Локалната власт во Арачиново досега беше сместена во барака, изградена во 1952 година. 


Новата зграда во општината, која има над 20 илјади жители е една од капиталните инвестиции најавени за оваа општина, а во план се и други проекти, меѓу кои и тој за конечно Арачиново да добие фекална канализација, но и квалитетна вода за пиење. 


Изградбата на новата општинска зграда се реализира со грант средства преду ИПА фондовите во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги.


- Го означивме почетокот на изградба на општинска зграда во Арачиново, благодарение на помошта преку ЕУ фондовите и поддршката од СБ и Министерството за финансии во рамки на заедничкиот проект за поддршка на руралните општини. Оваа мошне важна општина во Македонија ќе добие достоинствена општинска зграда, рече премиерот Зоран Заев на свеченото одбележување на почетокот на изградбата.


Нагласи дека ова е само еден од проектите, кои ќе се спроведуваат за подобрување на условите за живот во оваа општина.


- Досега успеваме да реконструираме училишта, ги реконструиравме и муслиманските и христијанските гробишта. Се работи на проектот за канализација и обезбедување здрава и квалитетна вода за пиење, додаде Заев.

 

Тој истакна дека Владата останува посветена на ветеното за поддршка на сите рурални општини. 


Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими истакна дека ова е посебен ден за општината, кога се поставува камен темелник на општинската зграда, која како што рече, ни е потребна за да им служиме на граѓаните на достоинствен начин. 


- Овој нов објект ќе биде изграден по највисоки стандарди. Од оваа зграда ќе изработиме различни проекти и ќе покренеме различни иницијативи за доброто на граѓаните, порача Халими. 


Министерот за финансии Драган Тевдовски изрази благодарност до СБ и ЕУ, кои финансиски ги поддржуваат проектите за подобрување на општинските услуги.


Појасни дека станува збор за вкупна сума на заеми од 81,1 милион евра од СБ и 26 милиони евра од ЕУ преку ИПА фондовите и појасни дека зградата во Арачиново е финансирана со грант средства од ИПА. 


- Досега се склучени 72 договори со 56 општини за заем преку проектот, додека за ИПА грантовите договори се склучени со сите 78 општини за 133 проекти. Останати се околу пет милиони евра од проектот, за кои најавувам дека Министерството за финансии наскоро ќе објави нов повик, рече Тевдовски. 


Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека проектот е наменет да им обезбеди на граѓаните пристап до подобрени услуги на локалните власти.


Истакна дека новата зграда во Арачиново, која се гради во рамки на проектот ќе биде според стандардите на ЕУ, ќе им пристап за лица со попреченост и зголемена енергетска ефикасност. 


Претставникот на СБ, Беким Имери напомена дека меѓународната институција ја поддржува Македонија од самиот почеток на процесот за децентрализација во 2000 година, преку различни проекти.


Додаде дека последниот проект е тој за програмата за општински услуги, кој се спроведува од 2009 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.