Во јули првите договори за средства од третиот столб од Планот за економски раст

План за економски раст

Повеќе од 100 компании досега имаат подигнато проектни апликации за средствата од третиот столб на владиниот План за економски раст. До крајот на повикот се очекува удвојување на оваа бројка, а во почетокот на јули и потишувањето на првите договори, изјави денеска директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.


Јавниот повик проектиран на 645 милиони денари беше објавен на 28 април, а ќе трае до 11 јуни. Засега најголем интерес има за третата мерка - финансирање трошоци до 70 отсто за иновации, нови продукти и услуги, од идеа до пласман, за што се предвидени 20 милиони денари, и во овој сегмент се три четвртини од фирмите кои аплицирале.


Компаниите се заинтересирани и за четвртата мерка - стручно усовршување на млади лица до 29 години во некои од компаниите во западните земји.


- Интересот е голем. Очекувам до крајот на повикот да имаме 150 - 200 пријавени компании што покажува дека македонската економија и домашните фирми имаат потреба од ваков тип поддршка и мерки. Исто така, очекувам до крајот на годината да ги доделиме сите средства, нагласи Деспотовски пред инфо-сесијата за проектните апликации во Стопанската комора на Македонија.


Според него, максимална ќе биде транспарентноста при селекцијата на проектите и одлуката кој ќе биде финансиран.


– Во првата фаза, евалуацијата на проектите ќе ја прават надворешни стручни лица, но од Македонија, додека во втората фаза Комитетот за селекција на парите на Фондот составен од пет стручни лица, странски државјани. Одлуката, пак, кој ќе биде финансиран нема да ја носат државната администрација, ниту службеници од Фондот, Владата или Министерството за економија, туку ќе биде целосно во рацете на надворешни стручни лица, подвлече Деспотовски.


Во насока на транспарентноста, дополни, по барање на компаниите, однапред се објавени и критериумите по кои ќе се прави селекцијата. Исто така, формирано е работно тело со кое бизнис заедницата е вклучена во реализација на целиот план – од објавувањето на повикот до потпишувањето на договорите.


И Стопанската комора оценува дека е голем интересот на компаниите за владината поддршка.


- Очекуваме компаниите да постават конкретни прашања за да ги детектираме проблемите со кои се соочуваат при евентуалното пополнување на проектните апликации. Интерес има за повеќе од мерките, посебно за поддршката за брз раст и за стручно оспособување на кадарот, како и за креирање дополнителни производи и услуги што ќе бидат конкурентни на домашниот и на странските пазари, унапредување на производниот процес и на маркетинг алатките, истакна Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора.


Деспотовски најави дека инфо-сесиите ќе продолжат и наредните две недели, надвор од Скопје, во поголемите центри низ државата.


Мерките од третиот столб се отворени за сите микро, мали и средни претпријатија, а систематизирани се така, да не поттикнуваат конкуренција на фирмите. Засега нема едвиденција кои сектори при аплицирањето доминираат, но Деспотовски најави дека ако има голем интерес и квалитетни проекти, постои можност за зголемување на средствата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.